Во текот на денот држам од пет до седум тренинзи, не ме исцрпуваат бидејќи не вежбам со нив, вежбам само еден час за себе. Енергија ми дава целата работа, насмеаните лица што доаѓаат секој ден

За силните жени нема пауза ниту кога се во блажена состојба. Елена Бубало е инструкторка по кросфит и фитнес. И покрај тоа што очекува бебе, таа турбо ги одржува тренинзите во сала, а не ги скока ниту своите. Со дозвола од лекар, се разбира.

– И кросфит и другите тренинзи што ги вежбам се мое секојдневие. Впрочем, тоа е мојата работа и бидејќи засега имам нормална бременост, нормално продолжив со моето секојдневие, секако, со помал интензитет. Будењето на денот ни го диктира Андреј, најмалиот член дома. Тој оди во градинка, а јас и мојот партнер продолжуваме во сала со групни и персонални утрински тренинзи. Па имам суперчасовна пауза и слободно време за мене, да се видам со пријатели, да направам здрави оброци, да отидам на ручек во моето омилено место. Ако е убаво времето, може со Андреј да се шетаме во парк. Потоа следува фамилијарен ручек и подготовки за во сала – раскажува Елена.

Правилна исхрана

Генерално нивното работно време е попладне. Елена и нејзиниот сопруг влегуваат во сала по 17 часот и таму се до 21:30 секој ден.
– Ние сме насмеани и среќни зашто сме опкружени со многу позитивни луѓе. Едвај го чекам овој дел од денот, што всушност ми е работа. Андреј е веќе поголем, па го носиме со нас во сала, сметаме дека е подобро да се истрча и да комуницира со луѓе таму отколку да седи дома. Таму имаме една лесна брза ужина. Вежбам во тие часови во зависност од групите и метежот. Доцна си доаѓаме дома и вечерата ни е доцна, но тоа го диктира нашата работа и не можам да се пофалам за рано легнување во кревет, вклучувајќи го и Андреј – ни сподели Бубало.

Таа не се жали за обврските во сала. Вели дека заедно со сопругот и другите тренери одлично се организирани како тим и им се поделени обврските.
– Во текот на денот држам од пет до седум тренинзи, не ме исцрпуваат бидејќи не вежбам со нив, вежбам само еден час за себе. Енергија ми дава целата работа, насмеаните лица што доаѓаат секој ден и нивните задоволни коментари по тренинзите. Знае да има покомплициран тренинг или повеќе нови членови во една група, па да ми одземе повеќе енергија, но сепак не е ништо страшно, дури ми е предизвик. Среќна сум што имам нормална и лесна бременост, што е важен факт за моето функционирање, следно што зависи од мене е правилна и избалансирана исхрана без која нема енергија, како и суплементи препорачани од доктор – вели Елена.

Вежбањето ја олеснува бременоста, но секој според своите можности

Вежбањето ѝ ја олеснува бременоста. Таа ги советува трудниците да бидат што поактивни во текот на бременоста доколку тоа им е дозволено, да се хранат правилно и да јадат за еден.
– Доколку вежбаат пред бременоста, со консултација на матичен лекар, тие може да си продолжат да вежбаат, секако, со намален интензитет. А доколку не вежбале пред тоа, треба да внимаваат и евентуално може да се приклучат на соодветни часови, на пример, јога за трудници и да уживаат во тој прекрасен период од животот – вели Елена.

Ова е нејзина втора бременост и вели дека единствена разлика е што во првата бременост вежбала многу повеќе поради поголемото слободно време и помалите обврски и ангажмани.
На тезата дали кревањето тежина и интензивниот тренинг му пречат на бебето, таа вели дека од нејзиното искуство и знаење – доколку вежбата е правилно изведена со помош на мускулите на целото тело и со соодветна тежина, воопшто не му пречи на бебето.

– Енергичниот тренинг не е штетен и не пречи, но мора да се внимава на пулсот, има граница до каде смее да се качи. Единствено постојат вежби што не смеат да се изведуваат за време на бременост, тоа најчесто се вежби во кои се вклучени абдоминалните мускули, лежечки вежби на стомак или оние вежби што моето тело не може нормално да ги изведе, ги избегнувам. Јас не правам ништо со што би ја загрозила бременоста. Сè што е умерено, контролирано, нема штета, туку само придобивка. Најголема придобивка ми се поголемата енергија и силните грбни мускули, кои задолжително ќе ми требаат до крајот на бременоста – ни изјави Бубало.



912

X