Експертите можеби откриле начин како да ги подобрат третманите за плодност и да го продолжат репродуктивниот период на жените врз основа на откритието на гени кои ја контролираат возраста за влегување во менопауза.

Во една студија објавена во списанието „Нејчр“, експертите успеале да идентификуваат речиси 300 генски варијанти што се дел од ДНК-патеката поврзана со менопаузата. Овие гени може да ја предвидат возраста кога жената ќе престане да добива менструација и да се одреди ризикот на жената од рана менопауза. Откритијата може да ги олеснат идните студии кои ќе им помогнат на лекарите да развијат подобри третмани за плодност или да го продолжат репродуктивниот период на жените. Авторите на студијата велат дека ова откритие може да помогне и во други студии кои се однесуваат на влијанието на женските хормони и одредени видови канцер.

Генски сигнали

Според научниците од Кембриџ, Копенхаген и Ексетер, тестовите спроведени на глувци довеле до продолжување на репродуктивните периоди откако биле инхибирани два вида специфични генски сигнали „CHEK1“ и „CHEK2“. Истражувачите, исто така, се обиделе да блокираат еден од гените (CHEK2), што резултирало со тоа телото на глувците да ослободува повеќе јајце-клетки по ин витро оплодување. Ако недостигот на протеинот „CHEK2“ може да ја одложи менопаузата барем за 3 години, може во голема мера да се подобрат шансите за плодност кај одреден пациент.

Д-р Кетрин Рут од Универзитетот „Ексетер“ вели дека нивното откритие може да им обезбеди на жените дополнителна можност за планирање на својата иднина. Понатамошните студии може да им помогнат на лекарите за плодност да одредат дали нивните пациенти ќе доживеат рана менопауза, па со тоа да се влијае врз плановите за забременување на природен начин. Можеби ќе биде достапно и лекарите да развијат краткотрајни процедури за инхибиција, со што нивните пациенти ќе реагираат подобро на ин витро оплодувањето. Со истражувањето на генските сигнали се покажало и дека раната менопауза може да го зголеми ризикот од развој на дијабетес тип 2, како и подложност на фрактури со оглед на слабото здравје на коските. Сепак, раната менопауза го намалува ризикот од рак на дојките или на матка. Експертите претпоставуваат дека ова може да биде поради пократкото изложување на сексуалните хормони кои ја поттикнуваат менструацијата. Експертите, сепак, велат дека ова откритие на генските сигнали сè уште е во рана фаза, па потребно е време пред овие методи да бидат испробани на луѓе.

Репродуктивен период кај жените

Тој период започнува во пубертетот и завршува во менопаузата. Сепак, возраста на менопаузата варира кај секоја жена од 40 до 60 години. 1 процент од жените престануваат да добиваат менструација на 40 години, додека просечната возраст за менопауза кај жените во САД е околу 51 година. Има различни здравствени маркери и генски маркери кои ја одредуваат менопаузата, во комбинација со животниот стил на жената и околината. Студијата фокусирана на генските маркери има цел да им помогне на жените да си го одредат својот план за плодност. Додека има тестови што може да ги измерат хормоните за плодност кај жената, сепак, падот е веќе започнат до времето кога ќе се детектира. Сè уште нема тестови кои може да одредат кога ќе започне падот, но на крајот, оваа студија има цел тоа да го постигне, за жените да може да имаат повеќе информации врз чија основа ќе носат одлуки и избори.

Автор: Лилијан Скот

Извор



912

X