Воспитување

Сите ќе не промени пандемијата! Еве како да го дадете најдоброто од себе

Мојот син Фреди, кој има четири години, е преплашен да не се зарази со ковид-19. Тој вели дека е загрижен да не се зарази во паркот. Од екстроверт стана повлечен и осамен. Дали некогаш ќе го вратам стариот Фреди?

– Сите ќе се сменат на некој начин од ова искуство, и децата и возрасните. Но, иако има негативно влијание врз емоционалната благосостојба и менталното здравје, ние исто така знаеме дека справувањето со неповолни околности може да им помогне на децата и младите да развијат отпорност. Ова е особено точно ако децата препознаат дека можат да користат мрежа за поддршка и да се потпрат на другите кога имаат потреба – вели д-р Пол Кели, консултант за едукација и детски психолог.

Децата лесно ја согледуваат емоционалната состојба на нивните родители и старатели. Но, тие немаат долгорочна перспектива како што имаат возрасните и не знаат дека вознемирувачките настани во вестите се привремена ситуација. Објаснете им го ова; сѐ се менува. Бидете внимателни во врска со количината на вести на кои е изложено малото дете. Ако постави прашања, користете ресурс кој одговара на возраста.

За време на првото заклучување, училиштето на моето дете рече дека нема потреба да глумиме совршеност, само да го дадеме најдоброто од себе. Но, овој пат е поинаку: има многу барања од училиштето што се чини дека само ги влошуваат работите. Некаков совет како да се справиме?

– Едноставно, само дајте го најдоброто од себеси. Јасно е дека има голем притисок од училиштата, но не подлегнувајте на притисокот. Намалете ги очекувањата: вашата должност кон вашето дете е да не полудите. Затоа, потсетете го вашето дете дека е време да се најави на час, но ако не ужива во часот или воопшто не се приклучи на час, немојте да бидете под стрес. Постои момент за децата кога треба да ги следат своите лични истражувања: оставете го да го гледа бумбарот во паркот, или да црта, или да чита за астрономија. Она што е навистина драгоцено помеѓу вас и вашето дете не треба воопшто да се загрози – вели Филипа Пери, психотерапевт.

Самохран родител сум со три деца: три, шест и девет години и сметам дека е невозможно да бидам родител каков што сакам да бидам. Под притисок сум, под стрес сум, им викам и се грижам како ова ќе влијае врз мојата долгорочна врска со нив.

– Зборовите како „Не сум добар родител“ се многу силен предиктор за лошата психичка благосостојба и тоа ќе влијае врз вашите деца исто како што ќе влијае врз вас. Значи, клучната порака е дека треба да се грижите за себе и да ги решавате сопствените потреби. Да, постои пандемијата, но заклучувањето не значи дека родителите можат без одмор и пауза, повеќе отколку што можеа претходно. Запомнете, ако ситуацијата стане тешка, побарајте стручна помош и поддршка – советува д-р Дебора Васконселос, клинички психолог и виш предавач по психологија на Универзитетот „Англија Раскин“.

Извор

Поврзани написи

To top