Игротека

Експерт за родители открива што никогаш не треба да правите со своите деца

Американскиот експерт за родителство Ејми Мекреди споделува кои се најчестите грешки што родителите ги прават со своите деца.

Како што објаснува таа, разбирливо е дека родителите нема секогаш да ги прават правилните работи кога се во прашање нивните деца и сосема е во ред понекогаш да згрешат.

– Како експерт за позитивно родителство и едукатор, ги составив петте најголеми грешки што родителите несвесно ги прават. Ова се добронамерни, но не многу корисни стратегии за родителство кои отсекогаш сум се трудела да ги избегнам во мојот дом, а ги советувам и другите родители да го пробаат истото. Се разбира, никој не е совршен, но ако можете да ги намалите на минимум, тоа ќе биде многу корисно на долг рок – вели таа.

Никогаш не им плаќам на децата за извршување на обврските низ домот

– Често слушам од родителите дека на своето дете му даваат џепарлак ако си ја исчисти собата или ги измие садовите. Апсолутно не се согласувам со оваа воспитна тактика и никогаш не ја користам со моите деца. Зошто? Децата треба да се научат дека домашната работа е составен дел од секој ден, а не нешто што треба посебно да се наградува – објаснува Мекреди и додава дека на овој начин парите стануваат надворешен мотиватор за децата, што не е добро ако навистина сакаме да развиеме внатрешна мотивација кај децата која првенствено произлегува од добрата волја, одговорноста и истрајноста.

Никогаш не ги казнувам

Една од најчестите родителски тактики е казнување на децата, но овој експерт нагласува дека воопшто не ја поддржува и смета дека нема резултати.

– Ова е популарна техника за родителство, но тоа не значи дека е ефикасна. Имено, целта на секоја дисциплинска техника треба да биде тренирање за подобро однесување со зачувување на силна емоционална поврзаност меѓу родителот и детето, а казнувањето не го овозможува тоа – објаснува таа.

Никогаш не ги етикетирам децата

Многу родители, обично несвесно, ги етикетираат своите деца, особено ако имаат повеќе деца. Мекреди смета дека ова е една од најголемите родителски грешки која може да има сериозни последици во подоцнежната возраст на детето.

– Едни ги сметаме за паметни, други за добри помагачи, додека третите само предизвикуваат проблеми. Верувале или не, но дури и позитивните етикети ги обесхрабруваат вашите деца бидејќи поставуваат споредба и натпревар со врсниците, што никогаш не дава добри резултати – објаснува експертот.

Никогаш не ги терам да изедат сѐ што им е во чинијата ако сакаат десерт

Никогаш не присилувајте ги децата да изедат сѐ од чинијата пред да јадат десерт.

– Во слатките треба да се ужива како и во секоја друга храна – доброволно. Тоа е затоа што секој тип на присилно хранење, без разлика дали преку уцена, казнување или кој било друг метод, е основа за борба за моќ за време на оброк, која никому не му користи. Го одзема фокусот од поттикнување здрави навики во исхраната и наместо тоа, создава тензија помеѓу родителот и детето. Со тоа десертот се претставува како награда за јадење „помалку пожелна“ храна, како што е зеленчукот – што не е баш начинот на размислување со кој сакаме нашите деца да растат – објаснува Мекреди.

Никогаш физички не ги казнувам

Многу родители прибегнуваат кон удирање како последно средство или за да им одржат важна лекција на нивните деца, но истражувањата покажаа дека дури и најдобронамерното удирање може да го подигне нивото на агресија, да го поттикне лажењето за да избегне казна и да го загрози односот меѓу родителот и детето. Со истото се согласува и Мекреди, која нагласува дека никогаш физички не ги казнува своите деца.

– Сè може да се реши со разговор, децата се многу едноставни и сакаат да учат од нас. Токму преку нашиот пример тие учат како да се однесуваат и какво однесување е дозволено, а што строго забрането. Родителите треба да научат за самоконтролата и да се држат до неа, без разлика колку понекогаш може да биде предизвикувачко, заморно и тешко родителството – додава таа.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top