Игротека

Eксперт открива трик што ќе ве спаси кога на детето ќе му кажете дека е време да си одите

Ако некогаш сте однеле мало дете во парк или на роденден каде што уживало да си игра, знаете колку е тешко да се вратите дома бидејќи детето не сака да си оди, па плаче и има изливи на бес.

Не е невообичаено, кога детето ужива да си игра со други деца, сосема е природно да не сака да си оди дома. Тогаш родителите често велат: „Уште пет минути и одиме“, со надеж дека детето ќе прифати, но тоа всушност е патот до излив на бес.

Челзи Хог-Завалета, експерт за родителство и мајка на три деца, неодамна сподели интересен трик на нејзиниот профил на „Тик-ток“ кој може да ви помогне кога вашето дете има излив на бес и не сака да си оди дома.

На почетокот на видеото се слуша како еден татко им вели на своите синови: „Си одиме за пет минути“. Сосема очекувано, на децата не им се допаѓа идејата и се обидуваат да преговараат.

– Ова ќе заврши со излив на бес – вели Хог-Завалета, а потоа објаснува дека децата и родителите не размислуваат на ист начин кога станува збор за промени.

– Постои огромна разлика во перспективата помеѓу мозокот на возрасен и мозокот на детето кога е време за промена. Овој татко е фокусиран на иднината. Знаете како знам? Тој им рече на децата: „Уште пет минути и си одиме“. Неговиот јазик е фокусиран на иднината, на она што следува – вели таа.

Експертот посочува дека децата, од друга страна, се целосно фокусирани на сегашниот момент и во таа смисла не се компатибилни со родителите, но има совет кој ќе ви помогне.

– Фокусирајте се на она на што се фокусираат децата. Наместо да кажете: „Си одиме за пет минути, кажете: Имате уште пет минути за играње“ – советува таа и додава дека кога родителите ја објавуваат намерата на овој начин, плус ако родителите се придружат во играта во текот на тие последни минути, може да направи голема разлика.

Извор

Поврзани написи

To top