Задевањето е нешто низ кое поминува секој во текот на животот, но ефектите од моментите кога родител задева дете може да бидат големи. Детето очекува братот или сестрата повремено да го задеваат, на пријателска база, но кога родителот го прави тоа, детето може да го сфати во негативна конотација бидејќи во родителот гледа заштита. Има време и место за лесно задевање, се разбира, но родителот мора да внимава да не претера со тоа. Треба да биде сигурен дека тоа нема да го повреди детето на некој начин. Има неколку емоционални исходи кога родителот ќе реши да го задева детето, а само неколку од нив се добри.

Запознајте го своето дете: Секое дете различно ја сфаќа шегата

Има граници кога се работи за задевањето, земајќи го предвид различниот карактер на секое дете и начинот на кој реагира. Само бидејќи родителите мислат дека се забавуваат, не значи дека детето ќе ги следи нивните чекори. Ако детето е чувствително, задевањето за што било може да предизвика емоционални лузни.

Нека биде лесно задевање за да не ја изгуби довербата во вас

Децата ги сфаќаат своите играчки и храната многу сериозно, па ако се преправате дека сте изеле залак од колачето на детето, може да има излив на бес и момент на недоверба. Задевањата треба да бидат едноставни и невини за детето да не помисли дека родителот го повредува на некој начин.

Следете ги сигналите на детето

Секое дете поминува низ будалесто расположение, па лесното задевање веројатно е во ред. Ако ви ги отежнува работите и не е расположено, тогаш не е препорачливо задевање. Има добри начини да го научите дека и задевањето има последици.

Знајте кога е доволно

Иако детето учествува во задевањето, сепак треба да има граници за тоа колку далеку се оди со процесот за да не дојде до повредување на чувствата. Ако продолжите да го задевате откако веќе побарало да престанете, тогаш го учите дека не ги слушате неговите зборови и го охрабрувате и тоа да се однесува со истата непочит кон вас и кон своите пријатели.

Никогаш немојте да бидете злобни

Никогаш не е во ред да го нарекувате вашето дете со имиња кои ќе ги повредат неговите чувства. Губитник, лажго и слично се зборови кои само ќе го повредат и ќе го научат да ги третира другите со истиот недостиг на емпатија. Зборовите како „будалетинка“ се посоодветни и помалку штетни и помалку е веројатно детето да ги сфати погрешно. Упатувањето нељубезни зборови кон детето не е веќе задевање, туку булинг.

Бидете сигурни дека љубовта ќе преовладува

Детето треба да знае дека сте тука за него кога сте му потребни и тука вклучително спаѓа и забавата, но и поддршката. Детето поретко ќе оди кај родителот за утеха ако тој постојано го задева. Најважно од сè е секој ден детето да знае дека вие сте му поддршка и дека сте тука за него без разлика на сè. Ако премногу го задевате, има добра шанса да ве смета за едно од лицата што сака да ги избегнува и кои му ги повредуваат чувствата. Кога се сомневате во реакцијата на детето, секогаш изберете љубезност.

Автор: Естер Певерли

Извор



912

X