Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам две машки деца, близнаци од 7,5 месеци. Едното е многу среќно и нонстоп сака да си игра со другото и му се смее, додека тоа е тотално незаинтересирано, ретко се случува да му се насмее и да го чепне, некогаш како да не го гледа. Што би можело да ја предизвика оваа појава меѓу двајца браќа близнаци?

ОДГОВОР: И покрај тоа што изгледаат идентично и се неразделни од првите моменти на нивното постоење, близнаците се различни. Како ќе растат, разликата меѓу нивните личности ќе станува сѐ поочигледна.

Природно е како дел од развојот едниот да покажува подоминатни особини, а другиот да биде помирен, побавен, поповлечен… Овие разлики ќе се почувствуваат и во физичкиот, психолошкиот и во вербалниот развој и ќе зависат од карактерот на секое дете. Тоа не значи дека едниот ќе заостанува, туку секој од нив ќе има свое време индивидуално да се развива и да усвојува нови работи.

Вие како родители нема да можете да бидете исти со двајцата. Поинаку се однесувате кон секој од нив и им пристапувате на начин што секој го разбира. Обично подоминантното и поактивно бебе често добива поголемо внимание, затоа е важно да се води сметка да им се дава еднакво внимание на двете бебиња. Сѐ додека вашиот избор ги зајакнува и се задоволуваат нивните потреби, добро работите. Доколку забележите некои други промени кај вашите близначиња и би сакале да се посоветувате и поразговарате, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација во форма на опширен пишан одговор или онлајн средба на sovetuvanje@gmail.com.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.

 



912

X