Секој родител знае дека едноставно нема доволно часови во денот за да направи сè што ќе сака.

Односно, сè што треба. И иако сте свесни дека краткото време што ќе си го посветите само на себе ќе ви помогне да бидете подобар родител (или подобра личност воопшто), сфаќате дека немате време за, на пример, јога, додека балансирате помеѓу детските родендени, спортови и обидите да ги исчистите цртежите од ѕидовите.

Но, постои еден трик кој би можел да ви помогне за секој ден да добиете дури три дополнителни часа.

Теоријата веројатно ви е веќе позната. Генералната идеја на Паретовиот принцип е дека 80 отсто од ефектот доаѓаат од 20 отсто од причинителите“. Оваа теорија потекнува од работата на италијанскиот економист Вилфредo Паретo, но може да се примени во различни сфери. Во градинарството, на пример, 20 отсто од вкупниот број билки ќе дадат 80 отсто плодови. Или, во софтверите, поправањето на 20 отсто од пријавените „багови“ ќе реши 80 отсто од грешките.

Како ова може да се примени во родителството? Па, сè се сведува на управувањето со времето.

20 отсто од тоа како го поминувате времето ви даваат 80 отсто од исходот. Што значи дека поголемиот дел од она што го правите во текот на денот го правите залудно. Или без резултат, во секој случај. Сè што треба да направите е да сфатите во што сте „суперефикасни“, а што само ви го троши времето. Тоа не е лесно да се утврди, но ви презентираме метод во шест чекори кој би можел да ви помогне.

1. Утврдете што би сакале да правите со вишокот време

Бидете конкретни и запишете што точно би правеле кога би имале повеќе часови на располагање во текот на денот. („Излегување на вечера со партнерот“ наместо само „повеќе време со партнерот“).

2. Одлучете кои се вашите приоритети

Издвојте малку време и утврдете три дневни, неделни и животни приоритети. Еден од дневните може да биде средување на куќата, неделен – да поминувате повеќе време со пријателите, а животен – фокусирање на здрава исхрана и вежбање за целото семејство.

3. Препознајте што ви го троши времето

Бидете искрени и запишете три работи на кои губите многу време (проверување на друштвените мрежи, проверување е-пораки, пеглање, средување на хаосот што го направиле децата). Идејата не е да отфрлите нешто од тоа (иако тоа би било во ред за некои работи), туку да ви помогне во следниот чекор…

4. Престанете да „лажирате продуктивност“

Според Парето-принципот, 20 отсто од она што го правите ги дава речиси сите резултати што воопшто ги имате. Тоа значи дека 80 отсто од тоа што го правите е лажно продуктивно. Па, сега обидете се меѓу активностите што ги извршувате да откриете кои би спаѓале во оваа „лажно продуктивна“ група. Гледате серии наместо да спиете?

5. Направете план

Откако ќе сфатите на кои начини си го трошите времето, смислете како да го решите тој проблем. Ова најмногу ќе зависи од вашите лични цели, но еве корисен пример: ако цел ден одите и ги расчистувате играчките по домот, престанете. Да, и тоа е „лажна продуктивност“. Наместо тоа, играчките средувајте ги еднаш дневно, кога ќе го заспиете детето. И тоа само ако детето е мало. Од три години, тоа веќе е способно да ви помогне заедно да ги собирате, пред бањање.

6. Раскрстете со културата на „зафатеност“

Признајте, секојпат кога некој ќе ве праша што правите, велите дека сте во невиден хаос, дека не знаете каде ви е главата и слично. Па, направете нешто по тоа прашање. Како? Престанете да ги запишувате децата на 200 активности надвор од училишните, разгледајте го списокот со сопствените обврски и запрашајте се што е она што најмалку можете да го направите, а сепак добро да функционирате како семејство.

Останува само прашањето како ќе го искористите слободното време што си го обезбедивте



912

X