Во рамките на Светската недела на детето, најмалите пееја песнички, учествуваа во активности и учеа од содржините на „Светот на Биби“ на начин близок до нивната возраст и интереси.
Во градинката „Мајски цвет“ се одржа едукативно дружење со „Светот на Биби“. Дружењето го водеше Златица Апостолов, едукатор од „Светот на Биби“, преку активности од Бибиверзумот – образовна програма која преку игра, цртани филмови и песнички им помага на децата да стекнуваат нови знаења и вештини.
Преку интерактивните активности, децата имаа можност да истражуваат, да поставуваат прашања и да учат на начин кој им е близок и интересен. Дека најубаво се учи кога е забавно, покажаа и насмевките и шегите кои ја исполнија градинката. Активностите беа приспособени на возраста на најмалите, со простор секое дете да се вклучи, да ја изрази својата љубопитност и да предложи сопствени идеи.
Ваквиот пристап е дел од начинот на кој е осмислен Бибиверзумот, каде што децата се поттикнуваат да размислуваат, да откриваат, да комуницираат и да учат од сопственото искуство.
Дружењето заврши со уште едно изненадување за децата – мали подароци од „Светот на Биби“. А можностите за игра и учење ќе продолжат и во секојдневните активности во градинката, која неодамна доби сликовници, книги со активности и друштвени игри, соодветни за сите возрасни групи. Преку нив децата ќе можат да откриваат нови приказни, да решаваат задачи, да играат заедно и да учат.
Светската недела на детето, која се одбележува во првата седмица од октомври, е повод дополнително да се стави фокус на создавањето средина во која децата можат слободно да учат, да се развиваат и да ги откриваат своите потенцијали. Преку играта, приказните и интеракцијата, учењето може да биде природен дел од нивното секојдневие.

„Светот на Биби“ е македонски проект кој денес е присутен во повеќе земји од Балканот, Србија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, како и во Италија. Преку анимирани приказни, песнички, книги, игри и едукативни активности, проектот создава содржини кои ги придружуваат децата во растењето и учењето.
Еден пример е филмот „Биби и Боби во светот на бајките“. За него, Министерството за образование и наука даде позитивно мислење за организирано посетување на проекцијата од деца од предучилишна возраст и ученици од прво до трето одделение. Во стручното мислење на Бирото за развој на образованието се истакнува дека содржините на филмот се воспитно-образовно соодветни за оваа возраст, а приказните поттикнуваат добрина, соработка, емпатија, храброст и почитување на другите.

Со цел ваквите содржини да стигнат до што повеќе деца, „Светот на Биби“ е отворен за соработка со сите градинки и училишни центри во Македонија. Заинтересираните установи можат да го контактираат тимот за едукативни дружења и избор на сликовници, книги со активности и друштвени игри, приспособени на возраста и потребите на децата.