Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам прваче кое со најголема желба сакаше да оди на училиште, сакаше што подоцна да ја земаме за што повеќе да седи на училиште. Тоа траеше одреден период, но потоа почна да плаче и не сака ни да влезе во училница. Плаче и за време на викенди при помислата на училиште, сака да оди само кај едната учителка, а другата не ја сака. Кога ја прашувам што е проблемот, ми вели дека едната учителка многу викала на час, ги двоела децата на тие што знаат и тие што не знаат ништо. Ја карала кога не знаела и викала дека ќе почне да става единици. Познавајќи ја, знам дека ѝ е проблем тоа што ги двои учителката, а таа не е во тие што знаат сѐ, лесно се навредува, а од друга страна не е многу заинтересирана да учи. Ќе ве молам за совет како повторно со желба да оди на училиште и како да стане позаинтересирана за учењето.

ОДГОВОР: Се работи за дете кое новото поглавје во животот го започнува со силен ентузијазам, желба за учење и радост, за по два месеца од таквата училишна динамика сосема да го промени однесувањето – од отсуство на желба за учење до отпор кон одење на училиште кај една од наставничките. Кога детето лесно се навредува, тоа е пречувствително дете на критика, што укажува на ослабнати психолошки сили и разнишана самодоверба.

Веројатно вашето дете на почетокот се обидело да ги тестира своите способности и вештини со искра дека со леснотија ќе го прави тоа сѐ до моментот кога наидува на препреки како од авторитетен пристап на наставник, викање и можеби несоодветен однос на учителот кон одредени деца, кој всушност доаѓа многу до израз кога децата одеднаш имаат два наставника и можат да ја воочат разликата во самиот пристап.

Она што во моментов е многу важно е кај вас да завладее охрабрувачки и поттикнувачки, т.е. мотивирачки глас. Таа повторно треба да ја пронајде својата вредност за повторно да ја развие желбата за учење и напредок.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X