Полека, но сигурно вашето бебе почнува да ја покажува својата социјална страна. Од „осамен играч“ постепено станува другарче за игра.

Ова е период на изразена подвижност, која често е проследена со сопнување, паѓање и помали незгоди додека вашето дете учи да оди. Кога ќе стекне сигурност во одењето покрај мебелот, постепено ќе се пушти и ќе се движи без помош. Тоа значи дека дошло време и за првите чевлички.

Способност за споделување

Можеби ова сценарио ви е познато: викенд е, неколкумина од вас со децата сте се собрале кај пријатели, или седите во парк и го набљудувате вашето дете како си игра во близина на друго дете, на приближна возраст. Вашето дете се забавува со играчка што ја избрало од неколку што се наоѓаат пред него. Меѓутоа, и другото дете „фрлило око“ на истата играчка и внимателно ја гледа. Наеднаш, посегнува по неа, цврсто ја зграпчува и буквално му ја граба на вашето дете – кое налутено вреска и со поглед бара помош од вас. Вие и другиот родител се приклучувате, обидувајќи се да ја смирите ситуацијата со зборовите: „Ајде да си ги споделите играчките“… Дали тоа ќе има ефект? На оваа возраст – тешко!

Се разбира, секогаш вреди обидот детето да научи нешто ново (дури и ако е рано за тоа). Не значи дека ќе губите време ако на вашето дете му објасните дека ќе мора да почека за да може да ја „користи“ играчката со која моментално игра друго дете. Кажете му зошто е неприфатливо да му ја земе играчката. Децата учат низ искуство и интеракции (меѓусебно однесување) со другите. Во овој период нивна „работа“ е да го следат она што ги интересира и да го истражуваат светот околу себе. Тоа најдобро се остварува низ игра.
Не давам, тоа е мое!

Малите деца на оваа возраст сè уште се во фазата што експертите ја нарекуваат „себична“ или „егоцентрична“. Имено, децата искрено веруваат дека светот се врти околу нив. Едноставно не се способни да сфатат поинаква перспектива. Ќе помине многу време за нивните вештини за преговарање барем малку да се „изострат“. Затоа и не разбираат дека нешто треба да делат со друг.

„Паралелна игра“

Првиот начин на кој си играло вашето бебе пред да стане вистинско мало „подвижно чудо“ бил преку неговите опсервирања на другите. Тоа се случувало секогаш кога, на пример, сте ја ставиле лежалката пред некое лице, вклучувајќи ве и вас. Иако тогаш не играло непосредно со други деца или играчки на ист начин како сега, тоа активно учествувало така што го опсервирало непосредното опкружување.

Набрзо откако децата ќе научат да седат и ќе станат повешти со прстињата, тие учествуваат во вид игра позната како „паралелна игра“. Имено, иако малечките деца седат заедно, тие не си играат меѓусебно, но затоа „се проучуваат“ едно со друго, како и меѓусебните интеракции со играчките и учат едно од друго – усвојуваат одредени однесувања.
Важно е да не го форсирате вашето дете низ овој вид игра, односно да не навалувате врз него да усвои правила што не ги разбира. Децата по извесен период излегуваат од рамката на паралелната игра, со основа за успешна заедничка игра во која соработуваат. Истовремено, се наѕира и способноста за разбирање на идејата за споделување, размена и преговарање. На почетокот срамежливо, но со текот на времето ќе напредува.

Повеќе исти играчки – помалку солзи

Мал трик за родителите е да научат да воспостават тенка рамнотежа меѓу поддржување на детската игра и спречување на вообичаените расправии околу играчките. Еден од начините е, на пример, кога кај нив ќе се соберат пријателите со децата, или се организира забава за најмладите – да се обезбедат повеќе примероци од одредени видови играчки (кукли, автомобилчиња, топки, сложувалки…).

Долго очекуваното одење

Повеќето родители копнеат нивното дете што побрзо да прооди, па со восхит ги следат првите чекорчиња на своето чедо. За нив тоа е величествено доживување. Се разбира, како и за сè друго што се однесува на детскиот развој, постои опсег на возраст кога малите деца проодуваат. Кај некои тоа се случува порано, на 10 месеци (иако најчесто тоа се случува околу првиот роденден), додека други не се подготвени ни на 16-17 месеци (кога приближно треба да проодат).

Без оглед на возраста во која се наоѓа вашето дете, веројатно веќе сте добиле совети од пријатели и членови на семејството за тоа дали треба да носи чевлички. Воопштено зборувајќи, меѓу експертите е воспоставен „консензус“ дека малечките треба да обујат чевлички кога ќе почнат да „крстосуваат“ покрај мебелот, или набрзо штом почнат да одат.

Важно е чевличките да исполнуваат некои услови, пред сè, заради формирање правилен облик на стапалото и стабилноста при одењето. Треба да бидат длабоки, со горен дел од природен материјал – кожа или платно (за да не се потат стапалата). Исто така, страничните делови треба да бидат цврсти (меките чевли брзо се деформираат), со цврсто врзани врвки. Ѓонот мора да спречува лизгање за да не дојде до незгода.

Не брзајте со купувањето чевлички!

Многу родители купуваат обувки за бебето порано отколку што е потребно. Меѓутоа, имајте на ум дека детските стапала можат да пораснат до друга величина за само шест недели.

Редам, сложувам, „распределувам“

Ако некогаш сте оставиле корпа со алишта пред бебето, веројатно сте откриле еден од старите „трикови“ за забава на малите деца. На оваа возраст децата неверојатно ги привлекува поместувањето, пренесувањето и засолнувањето предмети, споредувањето величини и облици, земањето и враќањето на работите каде што ги нашле (ретко кога ги враќаат) и „сортирањето“ на различни видови предмети. Тоа едноставно ги восхитува.

Претпоставуваме дека и не сакате да користите корпа со алишта (особено не со валкани) за оваа детска активност. Меѓутоа, може да купите или сами да направите корпа за сложување и сортирање на играчки, со што ќе ја исполните желбата на детето за ваков вид забава. А за себе ќе обезбедите драгоцени моменти за опуштање. Замислете како уживате пиејќи кафе додека вашето бебе мирно си игра: става коцки во разни бои и големини во кутија, или се обидува да сфати која коцкичка лесно се вклопува во друга.

Секогаш е време за добра книга

Дури и бебињата што се многу живи и активни уживаат да седат во скутот на мама или тато, особено ако тука има и добра сликовница. Инаку, „бебешкиот начин на читање“ вклучува вртење на страниците, покажување слики, отворање „прозорчиња“ и подигнување „преклопници“ на страниците од книгата, ставање на прстето во отворите на илустрациите, а повремено и џвакање на аглите на книгата (затоа е важно да набавите од оние што се безбедни за бебиња).

Можеби вашето бебе веќе ги избрало своите омилени книги – кои сигурно му ги читате наново по којзнае кој пат… Кога ќе покаже на некоја слика, или ќе се „заинтересира“ за некој збор, или запира на некоја страница – полека изговарајте ги зборовите што се поврзани со неа. Бебето веројатно нема да ги повтори тие зборови, но тие сигурно ќе бидат усвоени (едноставно ги впива). Приближно на оваа возраст бебето можеби ќе биде во состојба и точно да ја покаже сликата што сте ја именувале („Каде е прасето?“)

Корисно за мозокот

Факт е дека интеракцијата на вашето бебе со читањето книга во овој период може да трае многу кратко, само неколку секунди. Меѓутоа, тоа не значи дека од тоа искуство нема никаква корист. Напротив! Многу студии убедливо покажуваат дека читањето со бебињата, дури и краткотрајното, ги унапредува способностите на нивниот мозок. Без оглед што вниманието на бебето траело само неколку секунди, продолжете со читањето. Со тек на време ќе увидите дека како што ќе расте бебето, подолг период ќе биде заинтересирано за книгата.

Усвојување на јазикот

Секојдневното читање книги со саканите родители, како и со другите што се грижат за него, ќе помогне во развојот на когнитивните вештини на бебето, вклучително и на усвојување на јазикот. Ќе видите дека вашето мало дете многу ќе ужива во читањето, кое за него претставува големо задоволство и разонода.

Повеќе помош околу развојот

Додека размислувате за развојот на вашето дете, имајте на ум дека сите бебиња се единствени. Без оглед дали вашето  достига одредени развојни пресвртници порано или подоцна, тоа го следи својот развоен пат. Освен тоа, границата што го раздвојува она што е постигнато според возраста во месеци е многу разлеана. Доколку, пак, ве мачат некои дилеми во врска со развојот на вашето дете, посетете педијатар.

Автор: Снежана Дамјановиќ-Митиќ



912

X