Децата што побавно ги обработуваат информациите можат да бидат многу бистри, но на нивниот мозок им е потребно повеќе време да ја прифати и употреби информацијата. Тоа може да го отежни исполнувањето на домашните задачи.
Побавното обработување на информациите влијае врз децата во социјална и емоционална смисла.
Во продолжение дознајте како побавната обработка на информации влијае врз секојдневниот живот на детето и на кој начин семејството и наставниците може да помогнат.
Запознајте ја Софија, ученичка во трето одделение која побавно ги обработува информациите. Бавната обработка на информациите влијае врз секој аспект од нејзиниот живот. За подобро да разберете некои од изненадувачките начини на кои бавната обработка на информациите влијае врз децата, погледнете како изгледа типичен ден во животот на Софија.
7:00
– Софија, што сакаш за појадок? – Софија ја гледа мама, но не го знае одговорот.
– Софија, житарки или палента? – Чувствувајќи притисок, Софија конечно одговара: – Житарки. Житарките веќе се претворија во каша кога Софија сфати дека всушност сака палента. Мама сега е лута бидејќи Софија ќе го пропушти автобусот.
Проблем: донесување одлуки
8:45
Софија е возбудена поради задачата што ѝ е доверена. Таа ќе го однесе списокот за посетување наставa во канцеларијата, но по пат заборави што треба да направи и зошто. За разлика од некои деца, Софија нема АДХД, но бавно ги обработува информациите и затоа има помалку време да ги складира во работната меморија пред да се изгубат.
Проблем: Користење на работната меморија
10:00
Контролна задача по математика. Софија ја познава постапката на делење, но ѝ е потребно повеќе време за да дојде до резултатот. Почнува да чувствува грч во желудникот откако наставничката ги извести децата дека оние што ќе завршат порано може да читаат книга. Софија нема да стигне да го пополни ни првиот ред.
Проблем: самодоверба, вознемиреност
Одморот трае само 20 минути, а на Софија ѝ е потребно одредено време да одлучи што сака да прави во текот на одморот. Им се придружува на децата кои разменуваат сликички од Покемон, што е забрането во нејзиното училиште. Не забележува како другите деца вешто ги кријат своите сликички од дежурните наставници. Софија е фатена со сликичките и таа е единствената што е во неволја.
Проблем: Забележување на знаците
14:45
Крајот на училишниот ден е стресен. Софија секогаш последна ги препишува домашните задачи од таблата. Одделението не може да замине додека сите не завршат со пишувањето. Пишувањето секогаш тешко ѝ паѓа, но уште потешко ѝ е кога другарчињата од одделението ѝ викаат: „Побрзај!“
Проблем: Пишување белешки, справување со вознемиреноста
16:15
Софија сака кошарка. Особено е успешна во давањето тројки. Но, тренерот брзо зборува и таа не стигнува да разбере што се бара од неа. Нејзините соиграчи се лутат што Софија постојано ги заборава зададените задачи. И чувствуваат непријатност поради долгите паузи што Софија ги прави во текот на разговорите.
Проблем: Следење упатства и одржување разговор
20:30
Работата на домашната задача треба да трае половина час, но Софија пишува веќе два часа и уште не е готова. За да се наспие добро, мора веднаш да се подготви за легнување. Мама не е сигурна што да направи. Дали да ѝ помогне да ја напише домашната или да ѝ овозможи доволно сон?
Проблем: Исполнување на задачите, следење на рутината
22:00
Миење на забите, облекување пижами. За секој чекор е потребно време. Одењето в кревет е емотивен дел од денот. Софија ѝ раскажува на мајка си дека не знае зошто таа е единствена што е казнета поради сликичките кога и другите деца ги разменуваа. Во разговор, обидувајќи се да сфати што се случи, гушкајќи се со мама, се чувствува малку подобро.
Проблем: поврзување со другите, градење самодоверба
За бавното обработување на информациите
Бавното обработување на информациите нема врска со интелигенцијата на детето. На нивниот мозок им треба повеќе за да ја прифатат информацијата и да одговорат на неа. Некои деца го знаат одговорот на прашањето, но едноставно им треба повеќе време за да го изговорат.
Кога децата бавно ја обработуваат информацијата, потребно им е повеќе време отколку на другите деца. Тоа вклучува пишување домашни задачи, разговор, придржување кон рутините, како одлуката за тоа што сака за појадок.
Бавната обработка на информациите може да се јави и со други нарушувања како АДХД и дислексија. Децата со бавна обработка на информации често имаат проблеми со вознемиреност и ниска самодоверба. Важно е да им се даде до знаење дека постојат стратегии со чија помош може да се справат со предизвиците со кои се среќаваат.
Како да им се помогне?
Не кажувајте им на децата што се како Софија да побрзаат. Ако вршите силен притисок врз децата со бавна обработка на информации, на крајот ќе им биде потребно уште повеќе време да ја извршат задачата.
Мерете го времето. Ако детето знае колку време трае миењето на заби, тоа ќе му помогне да изгради чувство за време. Може да му се помогне на семејството да организира рутина за подготвување за училиште и за спиење.
Ограничете го времето на пишување домашна задача. Родителите нека се потпишат на која било незавршена задача.
Ограничете сè што може да му пречи на детето користејќи празен лист хартија за да покриете сè освен задачите што ги решава.
Овозможете дополнително време за изработка на контролната задача и другите задачи.
Разговарајте со децата за бавната обработка на информации. Дајте им време да постават прашање. Издвојте време да ги сослушате кога ви зборуваат за своите чувства и идеи за тоа што би можело да им помогне.
Автор: Џули Ро