Како изгледа грижата за училиштниот двор и колку е важен убавиот изглед на истиот, неодамна ни покажаа учениците од прво до петоо одделение во основното училиште „Тоде Хаџи – Тефов“ од Кавадарци, кои заедно со нивните наставници, засадија вкупно 220 садници цвеќиња.

Оваа активност, како што ни изјави наставничката Мира Симоновиќ, била реализирана по повод 22 мај, денот на биодиверзитетот.

– Тоа беше кампања организирана по повод Денот на биодиверзитетот, 22 мај. Кампањата носеше наслов „Да садиме градини од цвеќиња, а не од отпад“. Нашето училиште е влезено во екомрежата на училишта на ниво на државата, па поради тоа организираме настани од ваков вид. Беа набавени садници кои децата ги засадија – вели наставничката Мира, која води првоодделенци.

Целта е преку ваквите активности да се подигне свеста кај децата за зачувување и грижа за околината.

– Учениците ги садеа убавите цвеќиња, со што кај нив се развива свеста за за значењето на убавата околина. Преку ваквите активности во кои самите директно учествуваат, тие се учат и на одговорно однесување – информира наставничката.

Таа додава дека секоја година во ова училиште се организираат слични настани. Во низата акции кои биле организирани во ова училиште, учениците собирале пластични шишиња, стара хартија, а го уредувале и дворот. Учениците во „Тоде Хаџи – Тефов“ заедно со нивните наставници се грижат за добриот изглед на ова училиште.



912

X