Родителите честопати мислат дека нивното дете е гениј, но двегодишниот Џозеф Харис-Биртил навистина е. На возраст од две години и 182 дена, ова исклучително интелигентно момче станало најмладиот член на „Менса“ досега.
Надареното момче, кое го изговорило својот прв збор на само седум месеци, станало најмладиот член на „Менса“ досега. Инаку, за некој да влезе во овој ексклузивен клуб, мора да биде во 2 % од популацијата, што значи дека има коефициент на интелигенција од најмалку 132.
Неговите горди родители, д-р Роуз и Дејвид Харис-Биртил, се надеваат дека малиот ќе биде горд на ова достигнување кога ќе порасне. Роуз и Дејвид се академици. Тој е виш предавач на Универзитетот „Сент Ендрус“, а Роуз е почесен виш предавач на истиот универзитет и директор-уредник на Отворената библиотека на хуманистичките науки, академски издавач од Универзитетот во Лондон.
Родителите истакнале дека Џозеф отсекогаш бил напреден за својата возраст, уште од раѓање.
-Набрзо стана јасно дека е извонредно мало суштество, првпат се сврти на пет недели, го изговори својот прв збор на седум месеци и ја прочита својата прва книга наглас од почеток до крај на една година и девет месеци. На две години и три месеци тој течно читаше наглас 10 минути, можеше да брои до 10 на пет јазици и можеше да брои напред и назад до над 100 – истакнала мајката Роуз.
Малиот гениј учи и Морзеова азбука, ја знае грчката азбука и неодамна се заинтересирал за Периодниот систем на елементи.
-Неговите интереси се многубројни и разновидни, и секогаш сака да учи повеќе и сака предизвици – изјавиле тие за Гинисовата книга на рекорди.
Сепак, тие додаваат дека сè уште не сфатил оти е попаметен од своите врсници.
Заедно со љубовта кон читањето, тој е фасциниран и од музиката, па моментално учи да свири на пијано. Сака да учи нови јазици, да решава математички проблеми, да готви, да прави хартиени авиони и да си игра со своите играчки.
Joseph Harris-Birtill (UK) has earned the record for youngest Mensa member (male) at just 2 years and 182 days old https://t.co/atvcaFJLBl
— Guinness World Records (@GWR) May 26, 2025
-Тој е многу љубезен и грижлив, самоуверен, љубопитен и неверојатно решителен. Тој ги сака предизвиците и навистина напредува, без разлика дали станува збор за учење шах или учење нови зборови и концепти со кои не се сретнал претходно – опишала Роуз.
Роуз и Дејвид решиле да се обратат до „Менса“ за да добијат поголема поддршка за Џозеф, откако станало јасно дека тој напредува поради тоа што толку рано почнал да чита.
-Побарав на интернет за да видам дали има дополнителна поддршка и видов дека „Менса“ нуди ресурси и членство за многу надарени деца. Се надеваме дека ова достигнување ќе му даде чувство на гордост кога ќе биде постар, тоа е многу необично признание и целата заслуга му припаѓа нему – вели мајката.
Џозеф учи многу брзо и неговите родители се убедени дека ќе му биде лесно кога ќе тргне на училиште и дека ќе стигне далеку, во која било кариера што ќе ја избере.
Автор: Ана Дукиќ