Секогаш е возбудливо кога на вашата порта ќе пристигне нарачаната, топла пица, но за едно малечко дете возбудата прераснала во прекрасен момент – детето му се приближило на човекот кој ја донел пицата и го прегрнало. Овој негов едноставен гест е од особено значење. Зошто?

Линдзи Шили, која има бизнис со шминки и живее во Вест Варвик, Род Ајленд, нарачала вечера за нејзиното семејство во сабота навечер. Нејзината домашна сигурносна камера снимила една слатка интеракција. „Во сабота навечер нарачавме пица и кога пицата беше доставена, син ми Коен истрча надвор за да го прегрне човекот кој ни ја донесе пицата, а се обиде и да го бакне!“, споделила Шили на социјалните медиуми, заедно со снименото видео. „Мислевме дека е слатко и смешно, па сфативме дека тој момент е и снимен. Се надевам дека ќе ви се допадне и ќе ви го стопли срцето како што ни се случи и нам“.

Шили сметала дека гестот на нејзиниот син е толку сладок, што морала да го сподели и на нејзиниот профил на „Инстаграм“. Рајан Катерсон, човекот кој ја донел пицата, го видел објавеното видео преку пријател. „Некој му го покажал видеото на Рајан, па тој ми пиша порака, го најдов на Фејсбук, за и тој да го сподели“, истакнала Шили. Подоцна, додека ја гледала неговата фејсбук-страница, таа дознала дека Катерсон неодамна ја изгубил својата 16-годишна ќерка. Откако сфатила што му се случило на Катерсон, Шили го нарекла гестот на нејзиниот син „мал благослов од Бога“. „Нема практична причина поради која Коен го прегрна човекот. Мислам дека Бог само ја користи невината детска љубов за да донесе надеж и светлина каде што смета дека е потребна“, изјавила Шили.

фото: Линдзи Шили

Катерсон никогаш не донел пица претходно во нивната куќа, па Шили не верува дека нејзиниот син го прегрнал затоа што го препознал. „Често се случува да ни носат храна дома и тој никогаш не прегрнал друг маж или жена во такви моменти, никогаш не истрчал од дома на тој начин. Познат е по тоа што ги прегрнува луѓето што ги знае, но никогаш не постапува така со непознати“, вели Шили.

Од овој момент Шили и Катерсон се во контакт и тој ѝ кажал дека гестот на Коен му оставил голем впечаток. „Сакаше да знам дека таа прегратка многу му требала таа вечер. Многу сме благодарни што нашето мало момче има толкав впечаток врз Рајан и неговото семејство“, додала Шили.

Автор: Ели Валански



912

X