Температурата е многу честа појава кај малите деца и обично трае три до четири дена. Поранешната болничарка Ники Јуркуц преку нејзината платформа „Tiny Hearts Education“ предупредува дека родителите често прават две големи грешки кога станува збор за висока температура кај малите деца.

„Запомнете, температурата е природна реакција на телото кога има инфекција. Ако вашето дете изгледа добро и се чувствува добро, нема потреба да ја третирате температурата додека не надмине 38,5 Целзиусови степени“, напишала таа во неодамнешната објава.

Освен тоа, Јуркуц предупредува дека давањето аспирин на децата кои имаат грип или сипаници може да доведе до развој на Рејевиот синдром, кој може да биде фатален или да предизвика сериозни проблеми со мозокот.

Симптомите на Рејевиот синдром може да се појават една до три недели, откако детето ќе закрепне од вирусот. Симптомите вклучуваат конфузија, поспаност, недостиг на енергија, промени во однесувањето како што се раздразливост или агресија, забрзано дишење, напади и губење на свеста.

Другата грешка што родителите може да ја направат кога нивното дете има температура е да го бањаат со студена вода за да се обидат да ја намалат температурата.

„Важно е детето да не се лади премногу брзо. Ставањето на бебето или детето под ладен туш е вознемирувачко и може да предизвика хипотермија, каде што температурата на телото паѓа под 35 Целзиусови степени“, вели Јуркуц.

Симптомите на хипотермија вклучуваат треперење, бледа кожа, студена и сува кожа, нејасен говор, бавно дишење, замор или збунетост. Бебињата со хипотермија може да бидат студени на допир, летаргични, невообичаено тивки или поспани и може да одбиваат хранење.

Како да се лекува високата температура?

Јуркуц забележува дека клучот е да се третираат симптомите, а не бројот на термометарот. Таа, исто така, истакнува дека е важно да се грижите детето да биде хидрирано.

„Доколку температурата надминува 38,5 Целзиусови степени, можете да му дадете на детето парацетамол или ибупрофен, но за ова консултирајте се со педијатар“, вели таа.

Јуркуц, исто така, наведува пет околности во кои треба да побарате помош за вашето дете:

-кога температурата е над 38 Целзиусови степени за бебиња до три месеци
-кога детето е дехидрирано, не пие течности и има помалку влажни пелени
-кога детето има исип што не поминува при притисок на кожата
-кога детето изгледа поспано
-кога детето има напади.

Извор



912

X