Игротека

Две мајки со различни ставови за облекување на близнаците во иста облека – еве која е во право

Облекување близнаци во иста облека е вообичаена појава. И тоа обично на сите ни се допаѓа многу. Меѓутоа, дали родителите на близнаци навистина треба да го практикуваат тоа?

Две мајки на близнаци ги споделија своите искуства на оваа тема. И двeте имаат две девојчиња, едната секогаш ги облекува исто, додека другата мајка остро се спротивставува на оваа практика.

Еве ги причините за нивните одлуки:

Ана: Зошто ги облекувам девојчињата идентично?

Бев убедена дека нема да бидам мајка на близнаци, и се случи токму спротивното. Пред да имам деца, ги осудував родителите кои облекуваат близнаци во идентична облека, а сега и јас го правам тоа. И не од време на време, туку скоро секој ден. И не сум луда, знам дека ова се две одделни личности родени во исто време. Но, постојат неколку добри причини зошто го правам ова.

Полесно е – Избирам модел што ми се допаѓа иведнаш купувам две парчиња. Ова ми заштедува време, но и оптоварување на мозокот и грижи, покрај тоа, полесно ми е да ја организирам облеката. Купувањето е побрзо, поевтино и полесно.

Го елиминирам стравот од фаворизирање – Мојот сопруг вели дека се занесувам, но другите мајки го потврдуваат мојот страв. Се плашам дека со купувањето различна облека, повеќе ја сакам таа што носи поубава комбинација. Како да одлучам која што ќе облече?

Ним им се допаѓа – Али и Семи имаат две години и често ги прашувам што мислат за истите модни комбинации. Секогаш ми велат дека им се допаѓаат. Од време на време им дозволувам да изберат што ќе облечат. Кога ќе им дадам слобода да изберат што сакаат, секогаш избираат иста маица.

Воочливост – Имаат две години и веќе се доволно големи за сами да шетаат и да трчаат наоколу, но сепак се мали и може да се случи да истрчаат во непознат правец. Поради тоа, облекувањето во иста облека ми дава полесна перцепција. Побрзо ги забележувам.

Не ја намалувам нивната индивидуалност – Ме притискаат со приказната дека близнаците сепак се различни личности. Знам. Кога беа бебиња, ги облекував во различни работи за да бидам сто отсто сигурна дека знам која е која. Но, сега кога се постари, тие имаат различни особини и карактер, а облеката нема да го промени тоа.

Тина: Зошто не сакам да ги облекувам близначките во иста облека?

Не сакам да бидат облечени во униформи – Кога повеќе од една личност носат иста комбинација, тоа значи дека се во униформа. Не сакам моите деца да изгледаат како да се во униформа. Доволно е што девет месеци делеа ист простор, не мора сега да делат иста облека.

Чудно е, и малку морничаво – Можеби сум гледала премногу филмови, но кога гледам деца облечени во иста облека, тоа ми предизвикува непријатност. Децата не се страшни, туку ми е страв да не ги згрешам нивните имиња.

Уште од рана возраст, тие знаат дека се личност за себе – Дека близнаците имаат своја поврзаност, тоа важи и без истата облека. Сакам на училиште да ги третираат како посебни луѓе, сакам да знаат дека истата облека не ги дефинира, бидејќи секој може да се облекува како што сака.

Не сакам да бидат дел од стереотип – Неодамна, ми пријде една госпоѓа и ми рече: „За момент помислив дека се близначки, но видов дека не се исто облечени, па…“ Јас ѝ реков дека е доволно што потекнуваат од едно јајце. Друга ми рече дека инсистира за иста облека, дури и бара од луѓето што купуваат подароци, да ѝ даваат иста облека. Јас го барам токму спротивното.

Слободата е важна – Не мислам дека идентичното облекување е погрешно, сѐ додека возрасните не инсистираат на тоа, сметајќи дека е неопходно за децата. Тоа за мене е загрижувачки. Зошто на луѓето им пречи кога близнаците носат различна облека, а во исто време истакнуваат дека истиот фустан ја почитува индивидуалноста? Како ја почитувате индивидуалноста кога ви пречи да ги гледате како два одделни поединци? Слободата на избор е важна. Ако ги задушиме од рана возраст дека треба да прават сѐ, изборот на облека ќе биде најмалиот проблем со кој ќе се соочиме.

Што вели науката, кој е во право?

Психолозите се повеќе на страната на мајката број два. Како што велат, индивидуалноста е важна, но пред сѐ поради проблематичните години во адолесценцијата. Експертите велат дека ако ги натерате близнаците да носат иста облека, иста фризура, ќе создадете потенцијален проблем дека тие нема да можат да формираат сопствено мислење во подоцнежните години и ќе им биде потешко да ги прифатат промените.

Но, тоа не е секогаш случај, се разбира. Од друга страна, никаде нема доволно силна причина да се каже дека идентичната облека им штети на децата и создава тешки последици. Затоа, сѐ се сведува на лични искуства и ставови.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top