-Знаете ли што е „Багз Бани“?
-Лик од цртаниот филм „Душко Долгоушко“.
-Ма не, тоа е за овие стариве. Знаете ли што е „Багз Бани“ денес, сега?
-Не!
-Ако имате тинејџери, млади деца, „тиктокери“ дома, прашајте ги да ви објаснат, покажат…

Ааа, не сакаат да ви кажат?

Еве јас ќе ви кажам како пропадна Душко Долгоушко, а со него и јас и вие и нашите деца заедно…

Животот е предизвик. Секој ден е предизвик. Што би рекол просечен тинејџер – челенџ. Е сега, некој многу креативен и пред сè интелигентен, го споил Душко Долгоушко со предизвик и добил #bugsbunychallenge. Во негова чест смислил и песна. И тој некој ги предизвикува нашите девојчиња, ќерки, да легнат на стомак, со стапалата да направат зајачки уши на главата и за да излезе зајкото вистински, високо да го придвижат скудно облеченото меко ткиво во облик на две полутопки кои ја покриваат постериорната и латерарна површина на карлицата. Ништо не ви е јасно? Верувајте и мене не ми беше, но да поедноставам – видов многу малолетни задници на „нашите“ ќерки на интернет. И ви се колнам дека не се работи за порнографски страници. „Тик-ток“, „Јутјуб“, „Инстаграм“ се преполни со споменатиот предизвик и голите задници на нашите деца. Обични деца, не јавни личности, не некои пејачки, туку обични деца што секој ден одат на училиште, убаво се однесуваат, велат „добар ден“, мавтаат на улица, но на „Тик-ток“ мавтаат со задниците.

фото извор: YouTube screenshot

Драги мои соборници по родителство, дали ви е добро? Разбирам јас и криза, и нема работа, и доцни платата, и работите прекувремено…Сето тоа ми е јасно, но каде ви се ќерките? На што сте ги научиле? Дали е тоа родова рамноправност, тој феминизам, тој 8 Март? Дали сега сме конечно слободни ние, жените, девојките, девојчињата? Дали сè што сме научиле се сведе на тоа – со моето тело правам што сакам!

фото извор: YouTube screenshot

Се плашам дека погрешно сте разбрале и со самото тоа погрешно сте им пренеле на своите ќерки. Не е врв на женската слобода да се шетате со задникот пред камера. Далеку од тоа! Јас разбирам, срамот одамна е затворена тема, тоа веќе не е модерно. Ние, жените на 21 век, ние сме бесрамни. Сè разбирам, но ве молам, ајде од почеток…

Ако на овој свет остана едно нормално девојче, девојка, сакам да ѝ го кажам следното:

фото извор: YouTube screenshot

– Дете, ти си многу повеќе од твоето тело. И не дозволувај тоа да биде единственото што имаш да го покажеш.
– Твојата вредност е во твојата емпатија, прочитани страници, јазици кои ги зборуваш, а не во волуменот на задникот.
– Твоето тело е само твое и не заслужува секој да го добие, ниту вирутелно, ниту физички.
– Не вклопувај се во масата по која било цена. Твојата цена е многу зголемена ако си посебна, единствена.
– Срамот е правилна емоција и сè додека го познаваш, значи дека си човек. Свесно можеш да го разграничиш правилното од неправилното.
– Вулгарноста никогаш не е искрено привлечна, таа само ја задоволува инстант желбата.
– Почитта привлекува почит, тргни од самата себе.
– И никогаш немој да бидеш зајак!

Автор: Лилјана Шпаниќ

Извор



912

X