Неверојатни 70 отсто од новите мајки и мајките што очекуваат бебиња се соочуваат со некаков вид психички проблем во текот на бременоста и по породувањето, открива ново истражување спроведено од настанот „Бејби шоу“ во Обединетото Кралство.
Истражувањето открива дека мајките поминуваат низ проблеми со менталното здравје во текот на бременоста и по породувањето. Притоа, најчесто станува збор за анксиозност (36 отсто), потоа следува таканареченото нарушување „бејби блу“ (18 отсто), па постпородилната депресија (12 отсто).
Од 1.000 нови мајки и мајки што очекуваат бебиња, 89 отсто сметаат дека владата мора да инвестира повеќе пари за да им помогне на новите родители со нивното ментално здравје.
Кога станува збор за помош, новите мајки повеќе бараат помош од членовите на семејството наместо професионалците. 51 отсто од оние што одговориле рекле дека побарале помош од роднина, а втората опција бил гинекологот или бабицата (30 отсто).
Речиси две третини (63 отсто) од новите мајки изјавиле дека се соочиле со негативно влијание врз самодовербата кога станале родители, но охрабрувачки, една од 10 изјавила дека била посигурна како што навлегла подлабоко во нејзината нова улога.
– Овие статистики се алармантни и ја откриваат очајната потреба владата да инвестира пари во менталното здравје на новите мајки – објаснува д-р Сара Вохра, водечки консултант-психијатар.
– Ако сте нова мајка, или загрижен партнер и се борите со негативни мисли, важно е да зборувате за да ја добиете соодветната поддршка за да преживеете – додава таа.