Горјан Зивчевски е машински инженер од Скопје и татко на малата Кала. Вели дека покрај професијата, најважната улога во неговиот живот е родителството – улога што целосно го променила неговиот поглед, го направила подобар човек и го научила на безусловна љубов. Заедно со семејството сака да патува и да открива нови дестинации, верувајќи дека најубавите спомени се создаваат преку заеднички поминатото време, разговорите, прошетките и малите моменти со децата кои всушност значат најмногу. Воден од желбата да ги поврзе родителите во Скопје, тој ја започна иницијативата „Дружба на татковци“.

1. Како се роди идејата за иницијативата „Дружба на татковци“?
Идејата се роди за време на едно наше семејно патување во Лондон. Заедно со сопругата во еден парк забележавме група татковци со своите деца. Од љубопитност го погледнав логото на иницијативата, ги најдов на „Инстаграм“ и почнав да ги следам нивните активности.
Подоцна, кога се роди ќерка ми Кала и помина првата година од нашето родителство, период кој е адаптација за сите родители, дојдов до идеја и јас да отворам инстаграм-профил и да започнам со формирање заедница на татковци, која ја нареков „Дружба на татковци“.
Искрено, на почетокот бев скептичен дали ваква иницијатива ќе успее кај нас. Но, за мое големо изненадување, добив огромна поддршка од инфлуенсери, родителски заедници, како и од многу татковци и мајки. Тоа за мене е доказ дека и кај нас луѓето знаат да препознаат добра и искрена иницијатива.
Секој родител се соочува со различни предизвици, а една неформална дружба може да направи голема разлика – да донесе позитивна енергија, нови познанства и пријателства, како меѓу татковците така и меѓу децата.
2. Колку средби имате реализирано досега и како изгледа едно ваше типично дружење во паркот?
Сè уште сме во почетна фаза како иницијатива. Минатата недела ја реализиравме првата дружба и навистина си поминавме прекрасно. Иако бевме во помал број, атмосферата беше одлична.
Разговаравме за родителството, за нашите деца и за секојдневните предизвици со кои се соочуваме како татковци. Во меѓувреме, децата трчаа на сите страни, па разговорите понекогаш се прекинуваа, па повторно продолжуваа таму каде што застанале и токму тоа ја правеше дружбата природна и искрена.
Се собравме кај „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, што моментално ни е главно собирно место. Неформално шетаме низ паркот, разговараме и поминуваме квалитетно време со децата.
Секој од присутните татковци ја поддржа иницијативата и беше среќен што конечно и ние, татковците, имаме простор за ваков тип дружење, нешто што мајките многу почесто го практикуваат.
3. Каков е интересот на татковците досега и какви се нивните први реакции?
Интересот е навистина добар. Иницијативата е поддржана од многу татковци, но морам да признаам и од мајките (веројатно затоа што и тие сакаат малку време за себе).
Реакциите се одлични. Профилот постојано има посети, а многу татковци и мајки ни пишуваат и покажуваат интерес за иницијативата. Тоа искрено ме радува бидејќи верувам дека и кај нас може да се создаде позитивна и здрава атмосфера на свесни татковци и свесно родителство.
Најважно од сè е да им бидеме добар пример на нашите деца.

4. Која е главната цел на оваа заедница и како можат да ви се приклучат и други заинтересирани татковци?
Главната цел е да си бидеме поддршка едни на други, да споделуваме искуства и информации за родителството од улогата на таткото, но и да поминуваме квалитетно време со нашите деца – нешто што ним многу им значи.
Веќе разговараме и со некои заедници на мајки, па во иднина можеби ќе организираме и заеднички настани и дружби.
Имаме и вибер-група за комуникација, како и профил на „Инстаграм“, каде што секој заинтересиран татко може да нè следи и да биде информиран за следните дружби и активности.