Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето девојче има 11 години, а се дружи со девојчиња кои се поголеми, на 12, 13 и 14 години, кои се во фаза на дотерување. Јас не можам да влијаам врз изборот на друштвото зашто само тие 5 другарки се. Како да ѝ докажам дека рано е за козметика и сл. Секојдневно ја казнуваме, но си продолжува по старо кога е со нив. Почнува нервозно да се однесува со сите дома, па и со децата од клас. Нема трпение и се развикува. Мислам дека е така затоа што нема наша поддршка и ја притискаме. Не знам како треба да постапам.

ОДГОВОР: Друштвото и врсниците со кои се дружи детето апсолутно влијаат врз неговите ставови, интереси и самоперцепција. Кога детето е на оваа возраст, а е во друштво со поголеми деца, се очекува да го копира нивното однесување со цел да се приспособи и да биде прифатено.

Она што овде можете да го направите е да ја пренасочите кон деца кои се на нејзина возраст или пак да воведете некој компромис во врска со нејзините постапки како, на пример, за козметиката. Може да се договорите дека може да користи лабело или кога е на летен распуст да си ги налакира ноктите. Во тој дел зборувајте и за штетните влијанија врз кожата од прераното користење козметички препарати, па по тој повод појдете во аптека и купете некој попрочистен или органски ролон.

Некогаш заедно направете си природна маска за лице. Штом заедно ќе ги дефинирате работите што може да ги користи и што може да прави, останува доследно да се држите до нив.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X