Воспитување

Другарче не се стекнува лесно

Додека не дојдете во фаза кога вашето дете не сака да се одвои од својот најдобар другар или другарка, ќе мора многу често да го тешите за сите изневерени очекувања, кавги, кавги за играчките, издадени тајни, затоа што другарство и дружење не е исто. Како што детето безброј пати паѓа додека да научи да оди, така и безброј пати ќе се разочара пред да го стекне вистинскиот другар. Само треба да бидете трпеливи и да чекате да поминат петте фази.

Прва фаза од 3 до 6 години

Другар е секој што му е достапен во тој момент и кој добро се забавува, кој сака да игра исти игри како него. На оваа возраст децата не се способни да ги гледаат работите од друга перспектива, туку само од својата, бидејќи претпоставуваат дека сите мислат и се чувствуваат како нив. Многу се вознемируваат кога ќе сфатат дека односите не функционираат така. Иако некои од врсниците им се мили и поблиски од другите, нивните чувства не се постојани. Доволно е едно мало недоразбирање за еден од нив да рече: „Од денес повеќе нема да се дружиме, не те сакам“.

Втората фаза од 6 до 9 години

На оваа возраст тие веќе знаат дека другарството претставува повеќе од моментално дружење и од активности кои уживаат заедно да ги прават, но и понатаму се ставаат себеси на прво место. Другар е оној што прави нешто убаво за нив – ги дели со нив слатките, им помага околу домашната работа, им чува место во автобус, им купува убави подароци за роденден…
Способни се за уценување и кажување фрази како: „Нема да се дружам со тебе ако не ми дадеш…“, подготвени се и да се дружат со некој што не им се допаѓа многу само за да имаат другар, особено ако се игнорирани од другарчињата со кои дотогаш си играле.

Трета фаза од 9 до 12 години

Способни се да ги согледаат и да ги почитуваат потребите, ставовите и чувствата на другите, но не ако тоа не е во нивен интерес. Иако добро знаат дека другарството е заемна врска што подразбира земање и давање, тешко им е да бидат објективни и да сфатат дека не може сè да биде по нивно.
Во оваа фаза децата инсистираат на правичност и реципроцитет, и многу строго размислуваат за ова. Ако направат нешто убаво за својот другар, очекуваат тој во првата пригода да им возврати. Ако не го стори тоа, спремни се за кавга. Тие ги наведуваат другите деца против поранешниот најдобар другар, го отстрануваат од друштвото.

Четврта фаза од 12 до 15 години

Си помагаат меѓусебно кога имаат проблеми, им се доверуваат само на најблиските другари, споделуваат тајни. Способни се да направат сè за најдобриот другар или другарка, дури и она што на родителите не би им се допаднало. Девојките во оваа фаза се особено посесивни бидејќи очекуваат сè да прават заедно, да се облекуваат исто, да слушаат иста музика, да „мразат“ исти личности. За нив е предавство промената на фризурата без претходен договор; многу тешко простуваат. Се сакаат интензивно, но уште поинтензивно се караат.

Петта фаза по 15 години

Во оваа фаза се појавува вистинска емоционална близина меѓу другарите. Благодарение на зрелоста, тие стануваат способни да ги ценат меѓусебните разлики, да се изборат со посесивноста, да ги прифатат и пријателите на своите пријатели. Меѓу нив постои доверба, меѓусебна поддршка и близина дури и кога се одвоени. Не е необично на оваа возраст децата да имаат по неколку најдобри другари – еден со кој ги споделуваат сите тајни, друг со кој се забавуваат, другар од училиште, од клубот во кој тренираат

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top