Воспитување

Драго најмало дете, жал ми е што брат ти и сестра ти повеќе не сакаат да играат со тебе

Драго најмало дете,

пред некој ден кога дојде и ми кажа дека твојот брат и сестра никогаш повеќе не сакаат да играат со тебе, почувствував дека само што не почнаа да ми течат солзи.

Знам дека ти недостигаат деновите кога твојот брат и сестра не се грижеа многу за своите пријатели и нивните социјални животи и дека сето ова е ново за тебе. Знам дека е тешко да се разбере зошто твојата постара сестра повеќе не сака да прави тврдини од ќебиња со тебе и да прави забави во вашата соба во петок вечер. Знам дека те повредува тоа што те игнорираат или изгледаат зафатени кога ќе ги прашаш дали сакаат да возите велосипед заедно.

Исто така, знам дека не мислиш да ги повредиш моите чувства кога јас се нудам да играм со тебе, а ти велиш не. Знам дека играњето со нив е подобро од дружењето со твојата здодевна мајка. Знам дека вашиот однос се менува, а ти се прашуваш зошто те оставиле. Знам дека ти недостига пријателството што некогаш го негувавте. Знам дека те боли кога не се смеат толку многу на твоите шеги. Никој не сака да се чувствува заменет, а само затоа што имаш 11 години, не значи дека не ги препознаваш нештата.
Ме крши кога те гледам како ги редиш своите играчки, а твоите брат и сестра си заминуваат. Има периоди кога мислам дека мене ми е потешко отколку тебе. Сакам да ти биде подобро, но немам што да направам. Дури и мислев да ги натерам да играат со тебе, но никој не сака да биде присилен на нешто.

Знам дека тука не се работи за мене, но се обидувам да го направам да биде така бидејќи знам дека можеби никогаш веќе нема да го слушнам звукот од твоето шепотење со брат ти и сестра ти навечер пред некој настан кој те возбудува толку многу што не можеш да заспиеш. Сфаќам дека деновите што ги поминувавте во фрлање на лего-коцките насекаде по подот веќе никогаш нема да се повторат.

Се обидувам да не дозволам да продолжи да ме повредува тоа. Не само што се чувствувам тажно заради тебе – знам дека не е лесно да се биде најмалото дете – туку исто така се потсетувам на фактот колку брзо се менувате. Тоа е само мал дел од периодот кога животот ќе подразбира да не бидете со мене секој ден.

Но, можеби тоа значат фазите, за родителите: една по една промена, за да бидеме во ред кога ќе пораснете и ќе си заминете. Поентата е дека знам оти ќе бидеш добро. Знам дека нема толку многу да те боли кога ќе помине време. Знам дека вие тројца одлично ќе се согласувате, ќе правите многу работи заедно, а ова е крај на една фаза од вашите животи на која ќе се потсетувате. Но, јас чувствувам дека нешто е исчезнато и не можеме повторно да го имаме.

Во ред е што сега тагуваш по тоа време. И во ред е и за мене исто така. Знам дека ќе дојде ден кога ова повеќе нема да ме боли толку, но на некој начин овие работи се подарок. Нè потсетуваат на моментите кога сме биле длабоко среќни.

Верувал или не, ти ќе создадеш нови спомени со твојот брат и твојата сестра. Нема да помине долго време пред вие тројца заедно да одите на плажа, или да седите на кујнската маса и да дискутирате за политика. Нашето семејство ќе се промени, но секогаш ќе бидеме тука еден за друг.

Само запомни, твојата мајка можеби не е толку забавна како брат ти и сестра ти, но љубовта што ја имам за тебе е бескрајна. И јас би играла со тебе секојпат.

Со љубов, мама.

Автор: Кејт Бингам-Смит

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top