Ако постојано го држите мобилниот в рака, може ли да очекувате нешто подобро од детето?
Денес не можеме да го замислиме животот без мобилен телефон. Колку и да зборуваме дека е штетен, дека зрачи, дека одзема драгоцено време, креативност, доживувања… тој воз веќе не можеме да го запреме. Сепак, возрасните се одговорни за сликата што за мобилните им ја испраќаат на децата. Ако постојано го држите мобилниот в рака и трескавично го земате во секој слободен момент, може ли да очекувате нешто подобро од детето?
Прекумерното зјапање во телевизорите, таблетите и во мобилните носи повеќекратна штета за децата, младите, а на крајот и за возрасните. Значи за сите. Веќе и доенчињата патат од нарушувања во исхраната и на сонот ако мајката постојано зјапа во мобилниот. Седумдесет отсто од децата во градинка секојдневно минуваат по половина час играјќи на мобилен, а последиците од тоа можат да бидат тешкотии во зборувањето, нарушување на концентрацијата, хиперактивност, внатрешен немир, агресивно однесување или развивање зависност кај поголемите деца.
Ако овие загрижувачки податоци не се доволни, тогаш поставете си го ова прашање: Сакам ли моето дете да мисли дека мобилниот ми е поважен од него?
Како одговорни родители, треба критички да се поставите кон себеси и да ги промените сопствените навики. Еве неколку совети:
* Секогаш имајте на ум дека детето ве набљудува и дека вие сте му најголем пример. Не можете од него да очекувате нешто што самите не го почитувате.
* Тргнете го мобилниот настрана кога детето е со вас. Читањето вести, електронската пошта или забавата на социјалните мрежи оставете ја за навечер, кога детето ќе заспие. Искрено, многу ретко на мобилниот пишува нешто што морате да го прочитате токму во тој момент.
* Исто така, ако сте на излет, на игралиште или во парк, обидете се да не посегнувате по телефонот. Тоа може да биде опасно ако се заборавите, па може да ви го снема детето.
* Ако подлегнете на искушението и го земете телефонот, запрете и запрашајте се дали навистина е важно тоа што треба да го прочитате? Ако морате да го вклучите телефонот за накратко да се опуштите бидејќи дента детето е особено напорно, тоа е во ред.
* Избегнувајте долги разговори кога детето е во близина, но ако веќе се јавувате, кажете му кому му ѕвоните и зошто. Дозволете му на детето да му каже некој збор на соговорникот. Сето тоа ќе го скрати разговорот.
* За децата има многу игри и забави на мобилните, па ако веќе мораат да играат, играјте со нив. Важно е да комуницирате.
* Тоа што е вредно за вас, вредно е и за другите членови на фамилијата и за гостите, па ако има правило на масата да нема мобилни, тогаш и сите возрасни би требало да се придржуваат до тоа.