Линдзи Троер е мајка на пет девојчиња, а наскоро и на момче. Таа води среќен семеен живот и на порталот Mom.me го сподели своето писмо за вистинските пријателства со сите мајки.

Драга мајко,

Нели е лудо како животот и перспективите се менуваат со текот на годините? На училиште, пријателите беа твојот живот. Не знам за тебе, но единственото за кое тогаш се грижев беше што ќе правиме за викенд. Помислата да пропуштам нешто со пријателите беше болно неподнослива. И факултетот не се разликуваше премногу.
Но, дојдовме во дваесеттите. Сите наши пријатели полека почнуваат да одат по својот пат. Некои имаат сериозни врски, почнуваат кариери или стапуваат во брак. И тогаш, еден ден стануваш мајка. Животот пак се менува. Она што претходно било важно одеднаш станува бесмислено. Ние растеме. Без оглед дали си вработена или си мајка-домаќинка или нешто помеѓу, деновите се полни со обврски.

Нашите „живи аларми“ ќе нѐ разбудат и пред да го посакаме тоа, постојано сме во збрка, имаме безброј задачи да ги направиме. А вечерите ни се уште позафатени.
Кога веќе трошиш толку време на извршување работи што мора да ги направиш, зарем не сакаш и тоа малку слободно време што ти останува да го поминеш со луѓе кои навистина ги сакаш? Да уживаш во чаша вино со својот сопруг? Едноставно само да седиш и да гледаш во своето бебе без никакво временско ограничување?
Но, не. Ние, особено жените, како да сме програмирани секогаш да ги ставаме другите пред себе. Ние се грижиме за тоа што мислат другите и сакаме на сите да им угодиме. По лудиот ден мора да трчаме низ куќата, собирајќи ги сите расфрлени работи бидејќи пријателот што не сме го виделе една година одеднаш сака да намине и да го види детето. А тука е и женската вечер во петок на која навистина не сакам да одам… но чувствувам дека морам. Така се обидуваме да ги задржиме тие пријателства, а всушност немам време ниту да се истуширам.

Затоа, застани! Престани да го правиш тоа. Престани да го губиш своето време на „пријатели“. Знаеш, тоа се оние пријатели што се јавуваат само кога нешто им треба. Пријателите на чии роденденски прослави одите СЕКОЈА година, но се чини дека тие никогаш не успеваат да го прослават роденденот на твоето дете. Пријател кој нема време за разговор ни кога навистина некој ти треба, но секогаш има време да објавува на „Фејсбук“. Оној пријател поради кој се чувствуваш лошо бидејќи не му посветуваш доволно време или немаш слободна вечер да одиш на „хепи ауар“ во вторник. Тие луѓе не се твои пријатели. Ништо не им должите и не мора да се чувствувате лошо поради тоа.

Само затоа што точно знаеш што прават тие секој ден, ги гледаш сликите од вечерите и од првиот училиштен ден на нивните деца, не значи дека сѐ уште сте пријатели. Пријатели на „Фејсбук“, тоа може. Но вистинскиот живот е прекраток за пријатели на „Фејсбук“.

Како мајки, секогаш сме загрижени за чувствата на другите, но време е и да размислиме за сопствените чувства. Време е да го поминуваш времето со луѓето што ги сакаш и да го правиш она што го сакаш без никакво чувство на вина. Ако ти е потребен цел ден за да одговориш на нечија порака, или ако одлучиш да го прескокнеш излегувањето затоа што сакаш да го успиеш детето, твоите вистински пријатели нема да ти забележат. Тие ќе те разберат. Тоа се пријателите што ги сметаш за браќа и сестри. Ним можеш да им веруваш. Со нив можеш да се смееш и да плачеш. Твојот сопруг. Твоите деца. Твоето семејство. Неколку посебни пријателки. Тие го заслужуваат твоето време.

Како нова мајка, сѐ уште можеш да се обидеш да сфатиш како да го усогласиш тоа. Но, вистината е дека наскоро бебето ќе почне да оди во градинка. Животот поминува толку брзо. Пребрзо.
Затоа, мајко: Престани да го губиш времето со такви „пријатели“. Во ред е. Имаш толку многу „на чинијата“, не напрегнувај се повеќе. Чувај ги добрите пријатели и нежно дозволи им на другите да заминат. Верувај ми, животот ќе биде подобар на овој начин.

Потпишана,
Мајка на пет деца на која предолго ѝ требаше да го научи ова

 



912

X