Мора да има опција за училишно згрижување на децата со следење на сите препораки за заштита (онака како што ќе следат настава тие два часа, да бидат згрижени во дневен престој во училиштата до 16 часот). Ова е едно од барањата на здружението на самохрани мајки „Една може“, кои со соопштение реагираа по владината одлука да се вратат на работа од 23 септември сите родители што изминативе месеци ја користеа мерката да седат дома.

– По започнувањето на вонредната состојба беа креирани специфични мерки за различни групи, а самохраните родители беа изоставени и за нив не беа креирани индивидуализирани мерки. Безброј самохрани родители останаа без работа. Некои поради тоа што беа дел од неформалниот пазар на трудот, некои ги загубија работите места поради несензибилност на приватниот сектор и немање разбирање дека немаат опција за чување на децата. Некои дури сега ќе ги изгубат работните позиции, овој пат поради тоа што денеска беше одлучено сите да се вратат на работа, вклучително и самохраните родители – стои во соопштението на здружението.

Со оглед на тоа дека од октомври учебната година физички ќе се одвива само од 8:30 до 10:30 часот, се наметнуваат повеќе прашања, меѓу кои првично: – Како замислувате децата од 23 септември до 1 октомври да седат сами дома?, потенцираат од „Една може!“

– Како замислувате да се одвива работен ден на самохран родител, кој треба да однесе дете/ца на училиште во 8:30 и да ги земе во 10:30, па да ги однесе дома да седат сами до 16 часот? Како замислувате дека треба да се вратат на работа самохраните родители на кои не им ги примија во градинка децата на возраст до 5 години? Како замислувате дека едно четвртоодделенче ќе седи само дома и ќе следи хибридна настава, ќе управува со компјутер, скенер, печатач, имање и немање интернет и собирање и печатење на несоодветно формираната документација која неспремните стручни кадри ја испраќаат до учениците? Дали обезбедивте компјутер и интернет во секој дом каде што има деца кои ќе следат хибридна настава? – прашуваат во „Една може!“

Тие бараат да има можност за училишно згрижување со следење на сите препораки за заштита (онака како што ќе следат настава тие два часа, да бидат згрижени во дневен престој во училиштата до 16 часот). Потоа, бараат опција за државен трансфер на средства со конкретна намена – плаќање тутори за носење, земање и дочувување на децата во своите домови до 16 часот, како и опција за работа од дома за самохраните родители кои имаат работа што овозможува работење од дома.

– Само вака ќе покажете дека не сакате да создавате нов социјален базен, трансгенерациска сиромаштија, дека нема да продолжите да дискриминирате со игнорантност и неземање предвид на различностите, со што дополнително мултиплицирате општество на раздор, мизогинија, класна сегрегација, феминизирана сиромаштија и угнетувате кај што треба позитивно да дискриминирате – стои во соопштението на здружението.



912

X