Доколку не сте сигурни, спроведете домашни експерименти кои ќе ви откријат дали сте подготвени да станете мајка и татко. И кој би го знаел тоа подобро од 5 духовити мајки што ја направиле ова листа.
1. Набавете 5 кобри и ставете ги во вреќа која ќе ја врзете за да не побегнат. Легнете покрај вреќата во кревет и пејте приспивни песни додека кобрите мрдаат со часови наместо да спијат. Повторувајте го ова двапати дневно во период од 5 години.
2. Потрошете огромна сума пари на органско пилешко, витамини без ГМО, вафли без глутен и крекери без адитиви. Тешко ќе ви биде да излезете накрај со трошоците за органските производи, но и покрај тоа, купете ги зашто на „Фејсбук“ сте прочитале текст за опасностите на затруената храна што ја јадеме. Торбата полна со органски производи внесете ја во домот, а потоа сето тоа фрлете го во ѓубре за да симулирате дете кое одбива да јаде што било од тоа. Навикнете се на ваква ситуација.
3. Навијте часовник за секоја дневна обврска што ја имате, но погрижете се алармот да ви ѕвони како сирена за воздушен напад. Доколку за сушење на вашата коса вообичаено ви требаат 20 минути, навијте го часовникот да ѕвони за 11 мин. Ако правите вечера за 30 мин., наместете го алармот за 3 часа. Дали би читале книга еден час? Навијте го алармот за 30 секунди. Запознајте се со концептот на живот во кој никогаш немате доволно време.
4. Научете го партнерот да вика „гладен сум“ секојпат кога ќе седнете во автомобил и ќе тргнете за некаде. Натерајте го истото тоа да го повторува после секоја вечера, додека заедно излегувате од ресторанот. Удирајте ја главата в ѕид неколку пати зашто истото тоа ќе се случува од 3 до 5 години.
5. Замолете го партнерот неуморно да го извикува името на некоја песна, сè додека не ја пуштите во автомобилот, секојпат кога излегувате од паркинг или кога поминувате низ некој метеж. Научете го да го повторува тоа четири години и никако, никако не смее да го менува името на песната.
6. Секој ден, пред да излезете од дома, спакувајте во торбата: ужина без глутен, која има доволно протеини, без боја е, со цели зрна и не може да се истури. Кога ќе најдете нешто што ги исполнува овие услови (напомена – тоа не постои), фрлете го на задното седиште од автомобилот. Повторувајте 10 години.
7. Замолете го партнерот да намести аларм за кое било време во ноќта помеѓу полноќ и шест наутро, но никогаш подоцна од шест. Важно е тој да го намести алармот, а вие да не знаете во кое време. Обидете се да заспиете знаејќи дека алармот ќе ве разбуди, но не и кога. Повторувајте 18 години.
8. Инсталирајте мал пластичен кош на задното седиште во автомобилот. Обидете се во него да уфрлите ужина, кадифени играчки, книги и шишиња вода што течат симулирајќи дека сето тоа му го додавате на своето дете додека плаче. Ако предметите не влезат во кошот (а нема), испружете ја раката назад обидувајќи се да ги дофатите за да пробате повторно, но паралелно со тоа гледајте на патот пред себе и слушајте ја песната што е под точка 5.
9. Партнерот нека ви кивне директно в уста, а потоа нека ви се закашла в лице.
10. Кога ќе паднете најниско, во моментот кога не сте сигурни дали можете да продолжите понатаму, замолете го партнерот да ви фрли вагон од „Томас и другарите“ врз глава.
Ако сето ова ви звучи како дел од нешто во кое со задоволство би учествувале, подготвени сте да бидете родител. Се шегуваме. Не се шегуваме…