Доследноста во родителството значи дека ги следите вашите воспоставени правила, рутини, очекувања и постапки и без поголеми отстапки продолжувате да правите како што кажавте или однапред се договоривте со вашето дете или адолесцент дека ќе правите.

Оттука, следуваат неколку препораки како да ја подобрите доследноста.

Прво, препознајте ја сопствената емоционална состојба. Тоа е најблискиот чекор до емоционална стабилност, што значи препознавање дали сте смирени, среќни, задоволни или пак засрамени, лути, бесни или исплашени.

Второ, доколку забележите дека вашите емоции се силни, користете техники за справување со силни емоции пред да изреагирате како било.

-Можете да дишете длабоко, да си кажете дури и наглас дека сте бесни и дека е во ред тоа.

-Можете да ја пуштите вашата омилена музика и да играте сами или со детето, а подоцна да се вратите на главната тема.

-Исто така, може наглас да повторувате потврдни реченици дека успевате да се справите, дека ја имате контролата или дека можете да го спроведете правилото.

-Променете ја просторијата! Кажете му на вашиот адолесцент дека сте многу вознемирени или исплашени и дека ви треба малку време да бидете сам или сама.

Трето, издржете го притисокот што го врши вашето дете или адолесцент и потсетете се дека тоа воопшто не е лесно, а вие можете да се справите со притисокот! Имајте предвид дека децата знаат да бидат многу упорни и ја тестираат вашата моќ, вашата сила, но вие можете да се справите со притисокот. Понекогаш некои родители велат: „Премногу е упорен“ или „Не можам да го гледам како се плаче, ме натажува, па попуштам“, но веднаш сетете се на придобивката од правилото и објаснете му смирено и заинтересирано на детето или адолесцентот дека тоа однапред е договорено и мора да се почитува.

Четврто, пофалете се секојпат кога сте успеале да бидете доследни! Кога ќе успеете, а макар и да потфрлите, охрабрете се и пофалете се! Вие сте вредни и посветени и го давате најдоброто што можете. Пофалете го, исто така, и партнерот, партнерката, дедото или бабата.

Петто, доследноста е одлична, но запомнете дека доколку процените дека некое правило повеќе не функционира, време е тоа да се ревидира. Промената е очекувана и нормална. Постои една изрека за секоја индивидуа и за семејствата, а тоа е: „Стабилни сме бидејќи се менуваме“. Семејството е жива материја, расте, се развива, па затоа повремено е потребно преиспитување и промена на правилата.

Драги родители, следете ги вашите воспоставени правила, рутини и очекувања бидејќи тоа не само што ги води младите во правилен правец, туку исто така им нуди одличен модел за идентификација да научат и тие како да бидат доследни во односите со другарите и другите, но и како да бидат и подоцна во животот.

Автор: Мирјана Цветковиќ, психолог, системски семеен советник, Психолошки центар „Алтернатива“



912

X