Потребно е малку време за Дора да ве освои со волшебната насмевка и прекрасниот муабет

Дора Ивановска уште на пет години е членка на библиотека. И не само што членува, туку и многу чита. Девојченцето од Куманово во септември ќе појде во прво одделение и ќе биде прваче само два месеца. Потоа ќе премине во второ одделение. Така одлучила комисијата што ја тестирала за запишување во школо, а мајка ѝ Биљана и татко ѝ Ивица се согласни. Дора е надарено и талентирано дете, има прочитано над 70 детски книги. И не само што ги чита, таа ги раскажува, ги анализира јунаците, го споредува нивното однесување со она што се случува во вистинскиот живот…

Дора, мајка ѝ Биљана, татко ѝ Ивица и браќата Давид и Бруно

Ќе ме разберете и на кумановски малку?

На прв поглед е срамежлива. Но само на прв поглед. Потребно е малку време за да ве освои со волшебната насмевка и прекрасниот муабет.
Беше малку загрижена дали ќе ја разбереме ако ѝ излета некој збор на кумановски.
– Еве чекав да се запознаеме. Затоа не излегов надвор. Ќе ме разберете ако малку и на кумановски зборувам – се смее.
Дора многу сака и да црта, да пее, но читањето некако ѝ е на прво место.


– Ама сакам да бидам фризерка, а сакам и сликарка. А мама ми вели да бидам оториноларинголог. Ќе ви прегледувам уво, нос и грло. И нема да ви дадам инјекции – вели Дора.
Најдобра другарка ѝ е Лана. Најмногу сака да јаде шпагети, а мама го ограничува кечапот – вели.

Почна да зборува и веднаш почна да пее

Дора е трето дете на Билјана и на Ивица. Воспитувањето и работата со неа им биле исти како и со Давид и Бруно. И сите три деца се свои и прекрасни, само Дора поинаку се издвојува.
– Штом почна да зборува, веднаш почна и да пее. И не само детски песни, туку и изворни македонски песни. Знаеше после градинка да ми се јави на телефон додека сум на работа и да ми ја отпее „Што да правам, што да чинам“… Надареноста и талентираноста веќе почнавме да ги забележуваме од тригодишна возраст кога почна и првиот контакт со боички, фломастери и пишување букви, по сопствена желба за учење на тоа – вели мајка ѝ.

Пораки за учителките од градинка

Веќе на 4-годишна возраст читањето на кирилско и латинско писмо Дора го совладала. А и пишувањето.
– Сама си пребаруваше на „Јутјуб“ и си го пушташе саканиот цртан, му пишуваше и писма на Дедо Мраз, кратки пораки посветени на домашните (браќата и родителите). Почна да пишува без грешки дури и повеќесложни зборови. Читаше Росици, мали сликовници и сл. Многу често игравме, а играме и денес игри на асоцијација, сложувалки и игри за меморија – раскажува Билјана.

Собира, одзема, множи…

Минатата година, кога Дора наполнила 5 години, ја открила библиотека како необично царство на убавини.


– Сметав дека е мала, но беше многу упорна и ѝ ја исполнивме желбата, појдовме во библиотека. Тука продолжи другарувањето со книгите… Комплет книги за принцезата Софија ги прочита во еден здив. Инаку, секоја од книгите е со 70-ина страници. Ја посетуваме библиотеката и се грижиме книгата да биде вратена во зададениот рок. А по секоја прочитана книга ни ги доловува и содржината и импресиите – вели Билјана.
Дора раскажува што ѝ се допаднало, што не, што би сменила, што би можела да додаде…


Девојчето е вљубеник и во математиката, а во септември ќе тргнеме во училиште веќе комплетно описменета. Таа е упорно и истрајно дете. Кога нешто ќе почне да прави, нема заостанување, ниту пак премислување.
– Математички операции, особено задачите кога се поставени од дедо Бубе, се вистински предизвик за Дора. Собирање, одземање и почетно множење секојдневно совладува со задоволство. Нејзините интереси за учење не застануваат – вели Билјана.
Дора покажува интерес и за уметност и за ракотворби.

Нема успех без мотивација

– По препорака од стручни лица при упис во училиштето, а и од мое видување зашто сум психолог по професија, Дора за два месеца откако ќе почне школската година ќе премине во второ одделение. Предвидено е училишната година што следува да заврши две одделенија, и прво и второ – вели мајката.
И како родител и како психолог таа смета дека на децата што се талентирани им треба посебен третман поради нивна лична надградба, а пред сè поради одржување на процесот на мотивација која, за жал, кај голем број ученици многу бргу опаѓа.

– Без мотив нема успех и постигнување цели. Да им обезбедиме соодветно место и третман и на талентираните и надарените, бидејќи и Македонија има многу такви деца. Имам среќа да сум родител на едно од нив – додава Билјана.



912

X