Темелот на оваа иницијатива е заемната доверба меѓу семејствата кои се спојуваат. Донацијата понатаму се извршува директно меѓу семејствата. Правилата се мајката да биде искрена при објавата и да ги наведе сите информации што се релевантни за семејството кое би го користеле тоа млеко за дохранување, на пр., дали мајката пуши, дали пие алкохол, дали зема медикаменти

Иницијативата за донација на мајчино млеко „Human Milk 4 Human Babies“ треба да им овозможи на мајките што од различни причини немаат доволно млеко да ги хранат своите бебиња, а не сакаат да го прават тоа со адаптирано млеко, да го сторат тоа со млеко од друга мајка, која ќе им го донира. Идејата за една ваква иницијатива кај Наташа Цветановска-Тодосовска, сертифициран специјалист за доење (@доењесољубов), тлеела многу одамна.

Наташа Цветановска-Тодосовска

– Human Milk 4 Human Babies или во превод „Човечко млеко за човечки бебиња“ е мрежа за споделување донирано мајчино млеко, виртуелно село, кое е составено од луѓе од цел свет, како мајки, татковци, фамилии кои посвојуваат деца, баби и дедовци, професионалци кои работат со семејствата за време на бременост, раѓање, лактација и доење, волонтери, поддржувачи, сите собрани со една единствена цел – да ја поддржат наједноставната идеја дека сите бебиња и дечиња имаат право да бидат хранети со наше, човечко млеко, кое е најдобро и најсоодветно за нивниот раст и развој – објаснува таа.

Како започна?

Во оваа иницијатива заедно со неа се и Јасна Апостолски-Николов, дипл.мед.сестра и единствениот меѓународно сертифициран лактациски консултант во нашата држава – ИБЦЛЦ, која го води центарот за мајки „Здраво бебе“ @здравобебемк, и Весна Ѓурковска-Каеска, позната во медиумите како долгогодишен активист на тема доење и здрава исхрана кај децата, која стои зад профилот @вкусниприказни.

– Првото жарче за да ја иницираме оваа тема се разгоре кога дознав за светската иницијатива „Human Milk 4 Human Babies“, во ситуација кога јас имав потреба да го дохранувам моето бебе. Второто жарче се разгоре од мојата лична професионална едукација на тема лактација и доење. Мислам дека вистинското разгорување во пламен беше кога ја подготвувавме програмата за првата недела од август – Светската недела на доењето. Тогаш ме исконтактира една мајка и ме информира дека има складирано многу млеко и би сакала да го подари на семејство кое има потреба од екстра млеко за дохранување. Така сфативме дека можеби е правилно време оваа идеја да се качи „погоре на списокот“ – објаснува таа.

Весна, Јасна и Наташа

Според Наташа, оваа иницијатива би значела ширење на нашиот светоглед, но и освестување; поставување граници и соодветно менаџирање на манипулативниот моќен маркетинг на компаниите кои се занимаваат со производство на адаптирани млечни формули, т.е. производи кои служат како замена на мајчиното/човечкото млеко.

– Социјалните мрежи се основата за реализација на оваа иницијатива – најважната алатка за комуникација. Оваа иницијатива остварува локално спојување на семејствата кои нудат млеко за донација и семејствата на кои тоа млеко им е потребно токму преку социјалните мрежи -вели таа.

Гаранција за млекото е довербата меѓу семејствата

Сепак, за тоа како една мајка ќе биде сигурна во млекото од мајката која донира, Наташа вели дека сигурност преку испитување нема.

– Темелот на оваа иницијатива е заемната доверба меѓу семејствата кои се спојуваат. Донацијата понатаму се извршува директно меѓу семејствата. Правилата се мајката да биде искрена при објавата и да ги наведе сите информации што се релевантни за семејството кое би го користело тоа млеко за дохранување, на пр., дали мајката пуши, дали пие алкохол, дали зема медикаменти и сл. Главниот темел е принципот на можност за носење одлука врз основа на проверени информации, во секое време се почитува автономијата на семејствата и се тргнува од тоа дека се доволно информирани, едуцирани, а со тоа способни да можат да ги согледаат бенефитот и ризикот од користењето донирано млеко. Иницијативата нуди простор за нивно поврзување, и заштита на нивното право да го направат она што е нормално, здраво и еколошко. Оваа иницијатива е распространета низ светот и одлично функционира. Веќе се регистрирани над 100 земји каде што донирањето мајчино млеко е целосно организирано, па и преферирано – објаснува таа.

Наташа посочува дека нивна одговорност, како претставници на оваа иницијатива, е единствено спојувањето и објавувањето на потребите на семејствата – и на оние што нудат млеко за донирање и на оние на кои им треба донирано млеко за дохранување.

– Она што е многу важно да се потенцира е дека иницијативата се заснова на филантропска основа, па строго е забранета каква било манипулација или продавање мајчино млеко. Типична проверка како процедура нема, но сите пријавени неправилности би биле подложни на одредена санкција – заклучува таа.

Наташа смета дека во Македонија ќе има интерес за донации на мајчино млеко кај мајките.

– Се надевам дека ќе има. Можеби не веднаш. Една промена не се случува преку ноќ. Треба време за прифаќање на една ваква практика меѓу семејствата. Би било прекрасно да сме дел од еден свет каде што традицијата на доење ќе биде пренесувана од генерација на генерација. И баш би било прекрасно кога сите инволвирани во работата со мајката и бебето – семејството, пријателите, лактациските консултанти, докторите, акушерките… би го препорачувале донираното млеко во ситуациите кога е потребно. Сѐ со цел семејствата да се соединат повторно и секоја следна генерација да биде израсната традиционално со човечко млеко и безусловна љубов – посочува Наташа.

Во земјава нема банка за мајчино млеко

Според Наташа, треба да се направи разлика меѓу оваа иницијатива и банките за млеко, кои се специјализирани установи каде што се собира и се складира мајчиното млеко.

– Такви има повеќе низ светот. Најчесто постои протокол за донирање на млекото, кое понатаму поминува низ процес на проверка и понатамошна обработка (пастеризација) со цел да се заштити од потенцијални вируси и бактерии. Некои го донираат млекото, некои го продаваат, а тоа е во зависност од банката. Лактариум подразбира место каде што се собира и складира мајчино млеко. Тоа се банките, но тоа може да биде и дел од болниците, родилиштата, кој е опремен со соодветна апаратура, кој исто така работи со одредени протоколи за собирање, проверка, обработка и складирање на донираното мајчино млеко. Мајките се измолзуваат и нивното млеко се складира во тие лактариуми, и потоа им се дава на бебињата што лежат во инкубатори на неонаталната интензивна станица. Доколку нема доволно, се нуди донирано човечко млеко, бидејќи точно се знаат неговите придобивки од аспект на раст, развој, имунитет, наспроти формулата која е едноставно само храна. Во нашата земја немаме ниту еден лактариум, ниту, пак, банка за млеко – немаме ниту една можност да им понудиме на нашите бебиња или дечиња донирано мајчино млеко – посочува специјалистот за доење.

Мрежа на Human Milk 4 Human Babies

Мајките не добиваат соодветна поддршка за доење

Наташа, како специјалист за доење, смета дека чинот на доење во земјава е занемарена тема, но повторно почнува да станува актуелна.

– Гледам сѐ повеќе мајки кои се пријавуваат на едукативни курсеви за доење, и тоа уште во текот на бременоста. Ме радува што сѐ повеќе семејства бараат консултации кога имаат проблем, не се откажуваат без да добијат стручна поддршка. Она што можеби може да се категоризира како табу е доењето во јавност, кое за секоја нова мајка претставува предизвик -заклучува таа.

Вели дека мајчиното млеко е биолошка норма круцијална за опстанок на нашето човештво, бесплатен природен ресурс кој нуди живот.

– Практиката ми покажува дека на семејствата воопшто не им се нудат соодветни информации со кои треба да располагаат за да донесат одлука за хранењето на нивото бебе. Имам стапено во контакт и со семејства кои воопшто не знаат дека адаптираното млеко се добива од кравјо млеко. Многу семејства знаат теоретски дека мајчиното млеко е најдобра варијанта, но проблемот, според мене, е што не знаат дека навистина никаква замена не е како мајчиното млеко – посочува Наташа.

Фото: приватна архива



912

X