Кучето и мачката што ја потпираат главата на вашиот труднички стомак, кој им служи како перница, позитивно влијаат врз бебето.
Неодамнешното истражување на Универзитетот во Алберта укажува на позитивното влијание на домашните миленици врз децата, вклучувајќи ги и помалите ризици од развој на алергии или борба со дебелината подоцна во животот. Најголемото откритие на ова истражување е дека бебињата имаат добри цревни бактерии поради милениците.
– Го разгледавме здравствениот статус на овие бебиња на тримесечна возраст и какви добри бактерии имаат и откривме врска помеѓу добрите бактерии и домашните миленици – изјавила авторката на студијата, Анита Козирски, за радио Си-би-ес. Долго време се сметало дека споделувањето на подот со животни ги изложува бебињата на добри бактерии, а други истражувања покажале дека живеењето со домашни миленици штити од астма и респираторни заболувања.
Но, ова истражување сугерира дека придобивките од миленичињата започнуваат кога бебето е во утробата. „Интересно е што заедничкиот живот со домашни миленици за време на бременоста резултира со овие промени, што укажува на тоа дека има промена во цревната флора на мајката додека е бремена“, објаснила авторката.
Помалку алергии подоцна во животот
Истражувањето ги проучувало добрите цревни бактерии кај повеќе од седумстотини тримесечни бебиња помеѓу 2009 и 2012 година. Жените што имале домашни миленици за време на бременоста имале повеќе од два вида добри бактерии, руминокока и осцилоспира.
„И двете се поврзани со помал ризик од алергии подоцна во животот и помали шанси за дебелина“, вели Козирски. Повеќето мајки што учествувале во ова истражување имале кучиња, а помала група имале мачки, но докажано е дека и тие пренесуваат добри бактерии. Што може да биде позитивна врска помеѓу трудниците и мачките бидејќи често се истакнува можната токсоплазмоза, поради која трудниците треба да избегнуваат контакт со измет од мачки.

Врската помеѓу домашните миленици и здравите цревни бактерии сугерира дека премногу дезинфекција во нашите животи може да направи повеќе штета отколку корист.
„Нашето општество стана претерано загрижено за изложеноста на микроби и ние сме опседнати со хигиената, што резултира со повеќе алергии и астма“, продолжува таа. Козирски и нејзините колеги ќе ги следат децата во оваа студија до петгодишна возраст, па ќе можат да видат како милениците продолжуваат да влијаат врз здравјето на децата. Во меѓувреме, трудниците сè уште можат да уживаат во доброто друштво на нивните крзнени миленичиња.
Автор: Карина Шиждрак