Ришел Кастлбери, уметница и мајка, неодамна на својот фејсбук-профил сподели пост со кој, и покрај нејзините најдобри намери, предизвика голема расправија помеѓу мајките и татковците. Во постот таа им оддава почест на „домаќинките“. Бидејќи ѝ здодеале луѓето што постојано велат дека домаќинките не работат, таа споделила замислен дијалог во кој еден маж му се жали на својот психолог дека неговата сопруга не работи.

Накратко, таа ја опишува сцената со која се соочуваат голем број родители. Рано станување. Потребата за феноменална организација. Планирањето да се извршат милион работи пред бебето повторно да јаде, а постарите деца да се земат од училиште и многу други работи.

Во својот пост Рејчел пишува:

Разговор помеѓу еден маж (С) и неговиот психолог (П).

П: Со што се занимавате, господине?

С: Работам како сметководител во банка.

П: А вашата сопруга?

С: Таа не работи ништо. Домаќинка е.

П: Кој прави појадок за вашето семејство?

С: Жена ми, бидејќи не оди на работа.

П: Кога обично се буди вашата сопруга?

С: Таа се буди рано бидејќи треба да организира сѐ. Таа го приготвува ручекот за децата, се грижи да бидат убаво облечени и исчешлани, да бидат најадени, да ги измијат забите и да им е сѐ подготвено за училиште. Таа се буди кога се буди и бебето и му менува пелени и облека. Таа го дои и приготвува ужина.

П: Кој ги носи вашите деца на училиште?

С: Жена ми ги носи, бидејќи не работи.

П: Откако ќе ги однесе децата на училиште, што прави?

С: За да не се пакува и распакува повеќе пати, таа обично извршува уште неколку обврски, на пример, плаќање на сметките и пазарење. Понекогаш нешто заборава и потоа треба повторно да оди во продавница, со бебето. Кога ќе си дојде дома, мора да го надои бебето повторно, да му ја смени пелената и да го подготви за попладневна дремка, мора да приготви ручек, да ја постави масата, да исчисти во кујната, да ги сортира алиштата и да ја исчисти куќата. Знаете, таа не работи.

П: Навечер, откако ќе се вратите дома од работа, што правите?

С: Се одморам, се разбира. Преморен сум од работата во банка.

П: Што прави вашата сопруга навечер?

С: Приготвува вечера, ни ја послужува, ги мие чиниите и уште еднаш ја средува куќата и го храни кучето. На децата им помага околу домашните задачи, ги подготвува за спиење, им дава топло млеко и им помага да си ги измијат забите. Кога ќе легне да спие, често се буди бидејќи дои и навечер му менува пелени на бебето по потреба, додека ние се одмараме. Сепак, не мора да стане наутро да оди на работа.

Ова е дневната рутина на многу жени во светот, која започнува наутро и трае до доцните часови во ноќта. И ова вие го нарекувате „жена ми не работи!?“

За да се биде домаќинка не е потребна диплома, но таа ја има клучната улога во семејството. Почитувајте ги и ценете ги вашите жени, мајки, баби, тетки, сестри, ќерки бидејќи нивната жртва е бесценета.

Кога ја прашале една жена: Работиш или си домаќинка?

Таа одговорила:

Работам како сопруга дома, 24 часа на ден…
Јас сум мајка,
јас сум жена,
јас сум ќерка,
јас сум аларм,
јас сум готвачка,
јас сум чистачка,
јас сум шеф,
јас сум дадилка,
јас сум медицинска сестра,
јас сум градинар,
јас сум обезбедување,
јас сум советник,
јас тешам,
немам одмор,
немам ниту слободен ден кога сум болна.
Немам ниту еден слободен ден,
работам дење и ноќе,
цело време сум на дежурство.
Не добивам плата.
И покрај тоа, често ја слушам фразата: „Што правиш по цел ден?“

Посветено на сите жени што ги даваат своите животи за доброто на семејството.



912

X