Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

е-пошта: d_ljubica@yahoo.com
тел: 072 214 191

Повеќе од авторот


Што се правилата? Тоа се инструкции кои ни кажуваат што смееме, а што не смееме да правиме во одредена игра, дома, во одредени ситуации и средини надвор од домот

Малку поинаку кажано, тоа се еден вид совети како нештото да го направиме на најдобар можен начин. Правилата јасно им покажуваат на сите индивидуи кое однесување е прифатливо, а кое не е во одредена општествена средина и кои се последиците од нивното непочитување.

Ако се применуваат соодветно, правилата обезбедуваат ред и предвидливост во социјалните релации и меѓусебно разбирање на постапките на лицата што стапуваат во интеракција. Тие првенствено се воспоставуваат за заштита на мирот и благосостојбата на послабите единки во општеството, кои би биле загрозени доколку нема правила или доколку се прекршуваат. Генерално, целта на правилата е воспоставување и одржување ред и сигурност во една општествена група.

Со воведување во правила, возрасните ги учат своите деца како да се однесуваат прво во домот, како основна општествена клетка, а потоа и во пошироката средина, улица, игралиште, градинка, училиште…. Зошто е тоа потребно? На почетокот, кога децата се многу мали, родителите во домот воспоставуваат правила на однесување првично од безбедносни причини (нема трчање низ собите, нема скокање по кревети, нема гледање ТВ со саати итн.). Постепено ги воведуваат и во правила кои се однесуваат на почитување на другите личности (додека јас зборувам, ти молчиш и обратно, дома ми се обраќаш со смирен тон, а не како да ме повикуваш од другата страна на паркот итн.). Доколку детето ги разбере и ги почитува правилата во домот, ќе може да почитува и правила кои владеат во други средини, надвор од домот. Секое семејство си воспоставува свои интерни правила на комуникација и однесување, но важно е тие да бидат компатибилни со правилата на однесување во пошироката заедница.

Правила во домот и како да ги научиме најмалите да ги почитуваат?

На почетокот да кажеме дека домашните правила се од огромно значење за разграничување на постапките на добри и лоши. И тоа е суштината која треба да ја разберат децата. Во детската природа е да истражуваат до каде се границите на толеранција на нивното однесување и да се обидат да ги пречекорат, но тука возрасните имаат клучна улога во објаснувањето на последиците кои се јавуваат како резултат на таквото однесување. Секако, се случува децата да ги прекршат правилата едноставно зашто ги заборавиле. Во секој случај, должност на секој родител во овој долг процес е постојано да го потсетува детето на договорените правила и да има перманентен став доколку тие бидат заобиколувани или прекршувани.

Многу е важно сите членови на семејството да се придржуваат до договорените правила. Така децата сериозно ќе ги сфатат и нема да добиваат измешани сигнали гледајќи ги постапките на возрасните. На пример, ако е договорено дека за време на ручекот нема да се чепкаат телефоните, никој нема да го прави тоа.
Семејните правила се договараат во присуство на сите членови и треба да се јасни и разбирливи за сите. Откако еднаш ќе се воспостават, најдобро е да бидат изложени на видно место, напишани или претставени со слики и цртежи, доколку во семејството има и дечиња од предучилишна возраст и не знаат да читаат. Со правилата треба да бидат запознаени и надворешните членови на семејството кои се грижат за децата во домот (бебиситери, баби, дедовци итн.) и од нив исто така се бара да се придржуваат до тие правила.

Бројот на правилата зависи од возраста на детето и неговата способност да ги разбере и запомни. Во принцип, кај децата од предучилишна возраст тоа се две до три правила истовремено, а како што детето ќе ги совладува и автоматизира, постепено се воведуваат нови.

Процесот на воспоставување и почитување на правилата сам по себе е предизвик, па мора да му се пристапи со големо внимание и одмереност.

Се одвива во неколку фази:

Јасно и прецизно дефинирање на правилото. Доколку детето има тенденција да удира други деца или членови на семејството, правилото не треба да гласи: „Биди добар“, бидејќи фрази како оваа или „Биди воспитано дете“, „Однесувај се пристојно“, кај малите деца создаваат конфузија, од причина што тие се на конкретно ниво на размислување, а фразите во себе содржат апстрактна порака. Наместо тоа, правилото би се формулирало како: „Нема повредување други луѓе и деца“. Веднаш со ова правило на детето му се дава вербална порака какво однесување всушност очекуваме од него. Во конкретниов пример, во продолжение на правилото: „Нема повредување други луѓе и деца“ посочуваме дополнително: „Прибери си ги рацете и нозете“. Значи прво го посочуваме правилото, а потоа објаснуваме како би изгледало очекуваното однесување на детето.

Децата мора да го разберат правилото, а најдобар начин да го проверите тоа е да ги натерате да го раскажат со свои зборови. Кога се помали децата, не им е познато значењето на многу зборови и доколку не им ги објасните, целото правило кај нив ќе создаде голема забуна. Конкретно, во правилото: „Нема повредување други луѓе и деца“, детето треба да разбере дека под повредување се подразбира удирање со рака, гребење, влечење за коса, клоцање итн. И повторно, веднаш го нагласувате очекуваното однесување, значи: „Прибери си ги рацете и нозете“. Бидејќи е потребно често да се потсетуваат на правилата, убаво е на видно место да стои нацртана табела, во два дела, од кои во едниот ќе стои правилото, а во другиот последицата од негово непочитување ( со текст или слики, зависно од возраста).

Правилото важи за сите членови на семејството. Ако сме договорени нешто, сите ќе се придржуваме до тоа. Децата будно ги следат постапките на своите родители и секое прекршување на правилото од страна на родителите го користат за оправдание кога и тие ќе го сторат истото. Додека го усвојуваат новото правило, искористете го секој момент кога ќе постапат како што треба за да ги пофалите. Убаво е и да имате некои ознаки во табелата (срце, цветче, сонце…) со кои ќе му оддадете признание на детето дека се однесувало во согласност со правилото.

Во случај на прекршување на правилото, следува санкција ВЕДНАШ. Санкциите или казните се веќе претходно договорени и назначени во табелата.

Од суштинско значење е децата да се научат да почитуваат правила од најмала возраст бидејќи кога еднаш ќе го разберат начинот на кој треба да се однесуваат дома, полесно ќе им биде да ги почитуваат правилата во другите средини во кои ќе престојуваат (парк, градинка, училиште…). Разбирањето и почитувањето на правилата во раното детство е основа за развој на возрасна единка која ќе ги почитува правилата и законите во општеството во кое ќе живее.

Понекогаш децата свесно сакаат да се бунтуваат и да ги прекршуваат правилата, едноставно сакаат да бидат интересни и различни од другите. Меѓутоа, треба да им се објасни дека правилата не постојат само за нив, за тие да можат да ги прекршат ако им е волја, туку и за сите други личности околу нив, со цел да се чувствуваат сигурно и безбедно

Разбирањето на концептот на правила може да се направи и на интересен начин за детето и тука голема улога имаат игрите со правила. Овие игри обезбедуваат сигурен и забавен начин на стигнување до предвидената цел, односно освојување победа, а притоа сите учесници имаат изедначен старт и еднакви услови за стигнување до целта во текот на целата игра. Ваквиот концепт има суштинско значење за критичкото размислување на детето, во смисла играта има правила и играм според нив, следствено – во животот постојат правила и треба да се придржувам до нив. Целта на правилата и во играта и во животот е иста, фер и безбеден начин на општење со останатите членови во заедницата.

Примери за игри со правила од најрана возраст:

  • Оди мачка покрај тебе
  • Здрвен дедо
  • Музичко столче
  • Брканица
  • Криенка
  • Џамија
  • Народна
  • Одземање поле
  • Школка
  • Друштвени игри како домино, меморија, „Не лути се, човеку“ и др.

Преку овие игри, напоредно со учењето на правилата, кај децата се развиваат и вниманието, концентрацијата, говорните вештини, визуомоторната координација, моторните вештини.
Понекогаш децата свесно сакаат да се бунтуваат и да ги прекршуваат правилата, едноставно сакаат да бидат интересни и различни од другите. Меѓутоа, треба да им се објасни дека правилата не постојат само за нив, за тие да можат да ги прекршат ако им е волја, туку и за сите други личности околу нив, со цел да се чувствуваат сигурно и безбедно. Свесното прекршување на правилото е нивна лична одлука, притоа не смеат да ја нарушуваат безбедноста и сигурноста на другите, а последиците ги сносат лично тие.

Развивањето чувство за одговорност и почитување правила кај децата е не само родителска, туку и општествена грижа и одговорност, бидејќи општество без правила е хаотично, тука владее анархијата со сите негативни реперкусии што произлегуваат од неа.



912

X