Мајчиното млеко е единствената препорачана храна за новороденчињата. Со доењето бебето добива најдобра заштита од многу болести и најдобар сооднос на хранливи материи кој се менува според потребите на детето. Докажано е дека бебињата што цицаат имаат подобар имунитет и дека се поотпорни на многу вируси отколку бебињата што се на адаптирано млеко. Ретки се болестите при кои се препорачува да се прекине доењето како превентивна мерка. Кај обичниот грип, на пример, се препорачува мајките да продолжат со доењето бидејќи вирусот не се пренесува преку мајчиното млеко. За вирусите слични на Ковид-19 (коронавируси), како што се САРС и МЕРС (птичји и свински грип), моментално не постојат препораки за доење иако тие вируси се јавија речиси пред 10 години.

Моменталните податоци покажуваат дека коронавирусот не се пренесува со мајчиното млеко бидејќи примероците што се тестирани кај жени позитивни на коронавирус засега се негативни. Меѓутоа, јасни препораки за доење кај коронавирусот не се воспоставени.

Д-р Милош Релиќ од Србија, педијатар со долгогодишно искуство, вели дека доколку мајката дои, а е позитивна на Ковид-19, постои потреба за зголемена хигиена – миење на рацете секојпат пред доење и допирање на бебето. Исто така, доколку се користат пумпи за измолзување на млекото, потребно е да се мијат рацете секојпат пред користење на пумпата, а пумпата да се дезинфицира по секое користење.

Тој вели дека доколку доилката има потешка клиничка слика, потребно е да се консултира со педијатар за евентуално прекинување на доењето. Педијатарот е единствениот лекар кој може да воведе замена за мајчиното млеко по детална процена на бебето и доилката.

Автор: д-р Александар Антовиќ за bebologija.rs



912

X