Часовникот има многу голема и значајна улога во семејствата каде што мајките дојат. Кога ќе добијат бебе, некои родители почнуваат да се грижат за следното:

– Колку минути треба да се дои детето?
– Колку време треба да помине помеѓу два оброци на бебето?
– Колку најдолго бебето треба да спие?

Дали треба да се фокусирате на времето во текот на раните седмици од доењето:

Што ни кажуваат минутите поминати во доење?

Една честа препорака е вашето бебе да цица најмалку 10-15 минути на секоја дојка при секое доење. Но, тоа не е секогаш можно.

Една мајка и бебе што ги запознав во текот на мојата работа ми останаа во сеќавање. Таа мајка ми се обрати зборувајќи за проблемите со доењето што ги има со својата ќерка, стара пет дена. Бебето е родено со само 2 килограма и триста грама и цицало само на едната дојка пет минути пред сосема да престане. Исто така, другата дојка целосно ја одбивало. Се договоривме да дојдам кај нив и да ја понесам својата вага. За разлика од вагата во продавниците за бебиња, оваа беше толку прецизна што можеше да го измери внесот на млеко при доење на бебето.

Прво ја измерив нејзината ќерка целосно облечена заради некои почетни мерки. Користејќи мали трикови за да ја поставиме на дојка, успеавме да ја убедиме да ја земе дојката што претходно ја одбиваше. Набљудував во текот на доењето. Не забележав движења на вилицата и не слушнав никакво голтање. И навистина, по пет минути бебето ја одби мајчината дојка и не сакаше да продолжи.

Повторно ја ставив на вага и на мое изненадување видов дека испила 60 милилитри млеко, повеќе отколку што повеќето бебиња на оваа возраст внесуваат во текот на доењето (за бебе од пет дена просечно внесување млеко по доење е околу 30 милилитри).

Кога мајката виде дека нејзиното бебе е толку брзо и ефикасно во цицањето, ѝ олесни. Нејзиното бебе беше добро.

Подоцна тој ден посетив друга мајка и нејзиниот син стар десет дена. Таа беше загрижена што нејзиниот син цицал повеќе време отколку што ѝ било кажано дека е нормално, околу 55 минути при секое хранење. Овој пат мојата вага покажа дека внел иста количина млеко за 55 минути колку што внесе претходното бебе за пет минути. За разлика од девојчето кое брзо цица, момчето бавно се хранеше.

Колку минути треба да се дои бебето? Не постои едноставен одговор. Како и возрасните, така и некои бебиња брзо јадат, а некои побавно. Времето што вашето бебе го поминува цицајќи не кажува ништо за количината на млеко што го внесува. Во просек, на повеќето новороденчиња им е потребно некаде помеѓу 5 и 55 минути за да завршат со цицањето. И кај бебињата што брзо завршуваат со цицањето и кај оние што се побавни се менуваат периодите на движење на вилицата и правењето пауза. Со текот на времето повеќето бебиња стануваат брзи и успешни при доењето, па како што растат, оние бебиња што се побавни обично го забрзуваат процесот и добиваат иста количина млеко за пократко време.
Исто така, вашето бебе може да биде погладно во текот на едно доење отколку во второто, па тоа што се храни побрзо или побавно не е причина за грижа. Тоа е сосема нормално. И тоа што бебето понекогаш цица само на едната дојка, а некогаш сака да прејде и на другата, исто така е сосема нормално.

Дали времето помеѓу хранењето укажува на нешто?

Не баш. Најважна работа на која треба да се фокусирате е колку пати дневно цица вашето дете. Повеќето мали бебиња бараат да цицаат најмалку 8 до 12 пати дневно, но многу родители сметаат дека тоа значи оти нивното бебе треба да се храни на секои два до три часа. Додека вашето бебе не наполни 40 дена, редовното време за хранење не е утврдено.

Од таа причина, нема да ви помогне фокусирањето на тоа кога бебето последен пат било нахрането. Во кое било време кога бебето ќе дава знаци дека е гладно, претпоставете дека е повторно време за доење. Да, дури и ако поминале само десет минути. Ако бебето изгледа дека повторно е гладно веднаш по хранењето, не грижете се дека ќе се прејаде и не сметајте дека тоа е последица на лошо производство на млеко. Тоа е само нешто што бебињата го прават. Тоа е начин на кој вашето бебе ви помага да создадете соодветна резерва на млеко.

Нема никаква корист од обидите да ги направите периодите помеѓу хранењето подолги. Бебињата немаат смисла за време, а одложувањето на хранењето може само да додаде стрес во вашиот живот. Ако вашето бебе изгледа како да сака да го нахраните или е вознемирено, обидете се прво да го нахраните, па ако тоа не помогне, прејдете на други методи. Кога бебето ќе порасне и ќе стане позрело, природно ќе почне да се придржува до распоредот на хранење.

Колку долго треба да спие бебето?

Почнувајќи од втората вечер по раѓањето, немојте да се изненадите ако вашето бебе почне да бара да цица баш во времето кога имате намера да спиете. Многу бебиња не разликуваат ден од ноќ, па од таа причина, за да се одморите, најдобро е да спиете кога спие и бебето. Не е невообичаено новороденчето да спие 4-5 часа, но тоа најчесто се случува во текот на денот. Сè додека вашето бебе има најмалку осум подои во текот на денот и добива на тежина, нема причина да го будите за да го нахраните.

Обично се потребни неколку недели за вашиот и внатрешниот часовник на бебето да се усогласат. За да го забрзате овој процес, обидете се да ја сведете стимулацијата на минимум во текот на ноќта (намалена светлина, без врева, без менување пелени). Во текот на денот правете го спротивното.

Имајте доверба во вашата способност за произведување доволно млеко

Распоредот на хранење не е одраз на вашето производство на млеко. Но, постојат други начини да дознаете дали вашето бебе добива доволно млеко. Неговиот измет е еден од знаците. Ако доењето е добро, изметот на вашето бебе ќе се промени од црн во зелен за околу три дена и од зелен во жолт за околу четири-пет дена. Добивањето на тежина, пак, е најдобар начин да утврдите дали е соодветно внесувањето на млекото и неговата количина.

Кога зборуваме за доење и гледање на часовникот, имајте на ум дека доењето постои многу подолго од часовникот. Со други зборови, не ви е потребен часовник за доењето да тече како што треба. Понекогаш и преголемото фокусирање на времето може да предизвика свртување на фокусот од она што е навистина важно. Вашето бебе ќе ви го каже она што треба да го знаете. Препораките на педијатрите што го поддржуваат доењето се да го доите бебето на барање, а не според распоред. Не дозволувајте часовникот и времето да ви го одвлекуваат вниманието. Наместо тоа, набљудувајте го и верувајте му на вашето бебе.

Автор: Ненси Мохрбачер, консултант за лактација



912

X