Бидете внимателни, добронамерните совети на роднините и пријателите не се секогаш најдобри за вашето бебе. Ари Браун, советник за родители, издвои 10 митови за грижата и негата на бебињата кон кои не треба да се придржувате.
1. Бебето треба да се бања секој ден
Бебињата не се потат исто како возрасните и немаат непријатен мирис, така што ним им е потребно бањање на секои два или три дена. Ако тоа сепак е дел од вашата секојдневна рутина, не заборавајте да ја хидрирате бебешката кожа со соодветни препарати.
2. Бебињата најдобро спијат во соба која е тивка и затемнета
Додека некои деца навистина имаат лесен сон, на другите не им пречи тивко зборување во заднина и малку светлина. Доколку го навикнувате бебето да спие во соба во која не владее апсолутна тишина, тоа ќе биде голем плус за вас бидејќи ќе можете да го оставите да преспие во различни ситуации.
3. Покачена температура кај бебињата треба да се намалува со помош на алкохол
Триењето на бебешката кожа со алкохол нема навистина да ја намали покачената температура. Исто така, ова е и опасна метода бидејќи бебешката кожа може да апсорбира алкохол.
4. Бебето не треба да се зема кога плаче за да не се разгали
Бебињата помали од 4 месеци имаат неколку самосмирувачки стратегии. Малите деца знаат да се смират со цицање, а со земањето на бебето во прегратка кога плаче ќе му помогнете да научи дека секогаш ќе бидете тука да се грижите за него.
5. На бебињата треба да им се менуваат пелените во текот на ноќта
Урината е стерилна, а денешните пелени добро впиваат, така што во ред е ако го оставите бебето во влажна пелена во текот на ноќта. Меѓутоа, ако бебето предолго е во валкана пелена, тоа може да предизвика инфекција на уринарниот тракт или меур, особено кај девојчиња, па ако ја „намирисате“ пелената, променете ја.
6. Од клучна важност е секојдневно да се стерилизираат сите шишиња и цуцли
Стерилизирајте ги шишињата и цуцлите кога првпат ќе ги извадите од амбалажата, но потоа е сосема доволно да ги миете со вода и сапун. Бебињата се повеќе изложени на бактерии во околината отколку на оние што остануваат на добро измиените шишиња и цуцли.
7. Бебињата треба да спијат на стомак
Најсигурна положба за спиење на бебето е на грб. Во минатото, лекарите стравувале дека бебињата можеле да се задават од малку плунка ако не лежеле на стомак или на колк, но денешните студии покажуваат различни ставови.
8. Додавањето житарици во млекото му го продолжува сонот на бебето
Одложете го воведувањето на цврста храна додека бебето не наврши 6 месеци. Истражувањата покажуваат дека на децата на кои им е воведена цврста храна пред 4. месец потешко спијат. Исто така, студиите го поврзале раното воведување на цврста храна со дебелеењето подоцна во животот.
9. Важно е да се храни бебето според строго утврден распоред на исхрана
Бебето е најдобро да се храни кога сака бидејќи неговите внатрешни инстинкти му кажуваат кога е гладно, а кога сито. Поставувањето распоред на исхрана може негативно да влијае врз вродените навики на бебето.
10. На децата им се потребни чевли со посилен ѓон
Бебињата ги користат своите прсти за допирање на површините по кои одат, па се препорачува да одат боси во затворен простор. За прстите да останат сигурни надвор, подобро е да се набават чевли кои добро се припиваат за табаните. Притоа, чевлите со тешки и тврди ѓонови може да бидат премногу лизгави.
Автор: Маја Томиќ