Пристигна новата генерација на татковци која настојува рамноправно да учествува во животот на детето уште од првиот ден. Ја следат бременоста на жената, присуствуваат на породувањето, внимаваат на новороденчето, играат со децата, им даваат совети. За да се биде поуспешен во таа улога, еве неколку сугестии:

1. Таткото мора да биде голем

Во духовна смисла, татковците мора да им бидат поддршка на своите деца. Децата очекуваат да бидете големи луѓе кои ќе ги чуваат и на кои секогаш ќе можат да се потпрат. Бидете присутни во нивните животи и во нивните мисли.

2. Таткото мора да биде мал

Иако е ова спротивно на првиот совет, татковците, сепак, не смеат да бидат преголеми, односно треба да најдат добар баланс помеѓу забраната и слободата, па да им дадат доволно простор за игра и развој на дечињата. Немојте секогаш да бидете тој што знае сѐ. Понекогаш признајте му на вашето малечко дека не ги знаете баш сите одговори. Кажете му „не знам“ или „можеби“.

3. Поминувајте повеќе време дома

Многу татковци работат прекувремено, па дури и две работи. Но, ништо не е толку важно како дружењето со своите деца. Потрудете се да поминувате што повеќе време со нив во заедничка игра или учење.

4. Останете флексибилни

Не бидете строги во своите ставови и во поставувањето правила. Постои разлика помеѓу авторитет и моќ. Имајте го првото, но не искористувајте го второто. Со груби ставови само ќе го оттргнете детето од себе.

5. Дарежливи татковци, штедете пари

Вашето дете не мора да добие сѐ што ќе посака. Вистина е дека со парите не може да се купи среќа, со нив може да се купат многу други работи, но немојте да претерувате.

6. Штедливи татковци, потрошете пари

Со парите треба да се биде внимателен, но не и скржав. Од татковците се очекува да бидат паметни, па да не се кочат кога треба да се потрошат пари за ситни предмети кои детето го прават среќно. Постои иднина за која треба да се штеди, но постои и сегашност во која треба малку да се ужива.

7. Дозволете им да бидат она што се

Родителите често се вознемируваат кога децата ќе станат слични на нив или, пак, преку своите наследници сакаат да ги остварат своите неисполнети желби. Помогнете им да го откријат својот пат, но не насочувајте ги кон она што вие некогаш сте го пропуштиле.

8. Сакајте ја нивната мајка

Прегрнувајте ја често пред децата и покажете колку ја сакате. Дури и оние што не се во брак имаат обврска да бидат добри кон мајката на своето дете. Разговарајте со неа со почит, насмејте ја и дајте сѐ од себе за да изградите коректен однос. Децата ќе ви бидат благодарни на тоа.



912

X