Воспитување

Добре дојде 2022 – да биде поздрава и посреќна за сите!



Маски, дистанци, сертификати, вакцини – измина уште една година во знакот на пандемијата предизвикана од коронавирусот, која веќе втора година го тресе светот наметнувајќи нова нормалност на едно сосема поинакво „ненормално“ живеење. Годината што заминува ни донесе и радост и тага, како и секоја пред неа, но доминантно ни донесе нови ограничувања – за патувања, за кафулиња, за ресторани, за работа, за градинки, за сѐ и сешто и секаде низ светот.

Младите и децата, исто колку и возрасните, ги чувствуваат последиците од животот „под контрола“ и се справуваат со нив како знаат и умеат надевајќи се дека Новата 2022 некаде на пролет ќе донесе нова веселост враќајќи го животот во нормала онаков каков што беше пред пандемијата. Слободен живот без ограничувања – да се гушка и бакнува без страв дека ќе се добие делта, омикрон или некој нов сој на корона, некое ново име што повторно животот ќе ни го сврти наопаку.

Посакуваме 2022 да биде година на студентите, кои покажаа дека и знаат и умеат и сакаат да бидат први меѓу првите во светот, прекрасни успешни приказни што ви ги пренесовме на нашите страници – Факултети.мк и Деца.мк.

Посакуваме 2022 да биде година кога децата ќе прават родендени во игротеки, со музика, смеа, балони и кловнови кои ќе ги забавуваат, а не со маски во градинките, занималните, училниците и селектиран круг дома – со најблиските. И за тоа пишувавме многу низ призмата на интересни примери.

Посакуваме 2022 да биде година на продолжување на успесите на филмовите, книгите, претставите, спортистите, кои го привлекоа вниманието и на домашната и на меѓународната сцена, а кои ги претставуваме низ интересни стории на нашите страници.

Годинава што си заминува е карактеристична за Македонија и по нови политички и економски случувања, по нови недовршени, а без потреба започнати, приказни со соседите, со многу нервози, поделби, со многу препукувања и презборувања, а со малку надеж за подобро, за поубаво, повесело и поевропско утре.

Да ѝ посакаме добре дојде на 2022, на Новата, со очекување дека сепак ќе биде барем малку подобра, поубава и посреќна за сите!

Јасмина Миронски

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top