Просечните дневни температури уште сега се неочекувано високи, па многу побрзо ожеднуваме, но тоа не значи дека нашите деца пијат доволно вода. Повеќето од нив попрво ќе посегнат по чаша сок, газиран или негазиран, а по вода, само ако немаат избор или откако ќе ги опоменеме. Сокот е благ, има боја, понекогаш и меурчиња, а водата е, како што кажуваат децата, празна.
Секако дека не се во право. За водата нема алтернатива.
Без разлика колку ќе се бунтува детето, инсистирајте жедта да ја гаси со вода, а сокови да пие повремено, особено оние индустриските што се полни со шеќери, вештачки бои и мириси. Имајќи предвид дека децата имаат значително помала тежина од возрасните, полесно може да дехидрираат, а често се зафатени со игра, па ја занемаруваат жедта. Се смета дека децата до три години треба да пијат до 1,3 л течности дневно, до петтата година 1,6 л, а до 13 околу 1,9 л течности. Кога велиме течност, првенствено мислиме на вода, а за да ги натерате децата да ја пијат, може да биде „збогатена“. Можеби овие два едноставни рецепти ќе ви бидат од корист.
Студена вода со портокал
Во литар вода додајте сок од еден портокал и малку мраз. Освен портокал, може да употребите лимон, грејпфрут, па дури и парчиња од лубеница.
Цревено-зелена вода
Едно киви и рака јагоди исечете ги на тенки ливчиња, ставете ги во бокал, наполнете го со вода и оставете го да отстои во фрижидер неколку часа. Овошјето ќе испушти сокови, па оваа ладна вода ќе има прекрасен вкус.