Дијана Спалдинг, мајка на три деца, објави прекрасно писмо до личноста што ќе го избере нејзиниот син за сопруг.

– До личноста што ќе се вљуби во мојот син, не сум сигурна кога точно ќе ти го дадам ова писмо.
Можеби за неколку десетлетија, на денот кога ќе се венчаш за мојот син. Или тоа ќе биде само еден случаен ден. Без оглед кога ќе го добиеш ова писмо, се надевам дека ќе бидам жива.

Се чувствувам малку глупаво додека го пишувам писмово. Мојот син, моето мало дете, е горе, вовлечено во креветот кој изгледа џиновски во однос на него, потсетувајќи ме колку е малечко неговото тело. Се изгубило во морето на прекривката што со љубов ја завиткав околу него, пред да му ја тргнам косичката од челото, да го бакнам и да се симнам за да ти го напишам писмово.

Многупати сум слушала приказни како моето дете многу брзо ќе порасне и дека нема да бидам подготвена за тоа. Неговите слаби стапала наскоро ќе висат од работ на тој кревет, а пред да сфатам, тој ќе спие во нов кревет, во друг дом, далеку од мене.
И некаде по патот, ќе те најде тебе. И сѐ ќе се промени.
Сега ме избира мене. Ме избира да играм со автомобилчиња и да му читам книги. Ја обожава храната што му ја готвам. Сака јас последна да го бакнам за лесна ноќ. Но еден ден, ќе те избере тебе. Ќе сака слободното време да го поминува со тебе, да оди во авантури со тебе, да готви за тебе.

Токму сега неговите очи блескаат од радост кога ќе ме види. Насмевката на неговото лице кога ќе ме здогледа во градинката никогаш нема да остари.

Но еден ден, за тебе ќе заблескаат тие очи. Ќе ги проучуваат твоите раце, ќе го запомнат твоето лице и ќе има твои фотографии во неговата канцеларија.
Моментално јас сум неговиот херој. Бара помош од мене. Ме моли да го запрам дождот. Се стиска до мене кога е болен. Но еден ден, ти ќе бидеш неговиот херој. Тој ќе постави прашање, ти и јас ќе му дадеме различен одговор, но тој ќе го послуша твојот. Ќе му помогнеш да го открие светот, ти ќе бидеш таа што ќе му помогне да се чувствува подобро кога ќе биде тажен или болен.

Моментално го учам како да биде љубезен. Татко му и јас го учиме како да ги почитува другите и како да биде почитуван. Како да слуша, како да помогне и како да побара помош кога ќе му биде потребна. И еден ден, се надевам дека ќе те опсипува со таа почит и љубезност.
Токму сега ги планирам роденденските забави и сакам празниците да ги направам чудесни. Еден ден, ќе го потсетиш да ми се јави за мојот роденден. Сега домот му е кај што сум јас, но еден ден, домот ќе му биде таму каде што ќе бидеш ти.

Поентата е дека сето ова е во ред. Всушност, прекрасно е.
Чест ми е што сум мајка на ова момче, да го водам додека израснува во личноста во која ќе се вљубиш. Ќе ми биде чест и тебе да те запознам.
Се надевам дека овој свет ќе биде подобро место кога ќе те најде, таквата изјава изгледа непотребна – но за секој случај, сакам да знаеш дека ако го усреќиш, ќе те сакам без оглед на твојот пол, раса, етничка припадност или религија, токму како што им посакувам на сите деца. Ветувам дека ќе се обидам да најдам рамнотежа меѓу тоа да бидам во вашите животи и да ви бидам од помош без пречекорување граници. Се колнам. Ветувам дека ќе се обидам да не ви давам совети ако не ги побарате.
А тебе, личноста која се вљубила во мојот син, ти ветувам дека ќе се вљубам во тебе. Бидејќи личноста што го сака мојот син ќе сфати што има зад тие блескави очи. Таа личност ќе смета дека неговиот рапав глас е сладок. Ќе се смее на неговите шеги како што правам јас сега.
И како да не ја сакам личноста што го сака сето тоа кај моето дете?
Така што сега, додека го имам, пред да биде твој, ќе го чувам секој момент, секој бакнеж…
И еден ден, кога ќе се сакате, ќе бидам многу горда. Горда на личноста во која израснал, горда на личноста со која ќе ги поминува деновите и толку многу горда што сум негова мајка.
Те сакам,

Јас

 



912

X