Малите сипаници (морбили) се акутна, вирусна, многу заразна болест. Порано овој вирус беше чест кај малите деца и оставаше сериозни последици.
– Малите сипаници се многу заразна болест. Најголема инциденца на сипаници има во текот на зимата. Изворот на инфекција е човекот. Инфекцијата се пренесува преку дишењето (во контакт со течностите од носот и устата на заразеното лице) – 90 отсто од луѓето без имунитет кои го споделуваат животниот простор со заболеното лице ќе се заразат. Лицето е најзаразно 2 дена пред почетокот и 5 дена по појавата на првите симптоми на болеста – вели д-р Раде Ружиќ, специјалист по педијатрија од Србија.
Кои симптоми укажуваат на тоа дека некое лице е заразено со морбили?
– Болеста започнува со катаралната (продромална) фаза која се карактеризира со покачена телесна температура, премаленост, губење на апетитот, кивање, болки во грлото, кашлица, главоболка, насолзени очи и фотофобија (преосетливо реагирање на светлина). Другите егзантемски болести немаат толку изразен катарлален (зголемено лачење на слуз) стадиум како морбилите – вели д-р Ружиќ.
– На петтиот ден се појавува исип на телото (ексантемичен стадиум). Два дена претходно на слузокожата на фаринксот и на образите се појавува енантем (исип на слузокожата) од сивкави точки со големина на песок (Копликови дамки). Тие траат еден до два дена и се карактеристични за сипаниците. Катаралните знаци и покачената температура се најизразени во моментот на почетокот на исипот. Појавата на сипаници е типична најпрво зад ушите и на челото, а во следните неколку дена се шири по лицето, вратот, трупот и екстремитетите.
Најчестите компликации на морбили се инфекции на увото и пневмонија
Која е разликата помеѓу текот на болеста кај вакцинирани и невакцинирани деца?
– Важно е да се нагласи и објасни дека целосно вакцинираните деца воопшто нема да се разболат бидејќи се заштитени со антителата што ги создале при вакцинацијата. Невакцинираните деца (бебиња на кои сè уште не им дошло времето да се вакцинираат, деца кои не можат да се вакцинираат поради некоја болест или деца кои не биле вакцинирани поради различни верувања на нивните родители) ќе го имаат текот на болеста што е опишан во делот за симптомите и текот на болеста по инфекцијата со вирусот – вели д-р Ружиќ.

Какви компликации може да се појават при инфекција со сипаници?
– Најчести компликации на морбилите се воспаление на средното уво и пневмонија, а поретко миокардитис (воспаление на срцевиот мускул) и менингоенцефалитис (воспаление на мозокот). Невролошките компликации се почести отколку кај која било друга егзантемска болест. Енцефалитис се јавува кај 1:1.000 пациенти, што може да се појави пред и по појава на сипаници. Хеморагичната форма на болеста (која е многу ретка) започнува со екстремно висока телесна температура, конвулзии, а понекогаш и кома. Пациентот крвави од кожата, мукозната мембрана, устата и дигестивниот тракт. Во овој случај, овие компликации обично имаат фатален исход.
Како родителите можат да го олеснат или забрзаат процесот на закрепнување на децата?
– Родителите треба да ги вакцинираат своите деца, да не се плашат од вакцината и да не ги слушаат разните приказни што се шират за вакцината против морбили, бидејќи токму вакцините го спасија човештвото. Покрај законската обврска, имаме морална обврска да ги вакцинираме здравите деца со цел да го зголемиме колективниот имунитет и со тоа да ги заштитиме бебињата кои сѐ уште не се вакцинирани или децата кои се со намален имунитет и не смеат да се вакцинираат.