Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Повеќе од авторот

Најдобриот начин да дисциплинираш дете е да моделираш однесувања кои сакаш да ги видиш кај него

Во нашите училишта сè позабележливи се недисциплината, агресивноста, нервозата, нетрпеливоста кај децата. Дали нешто се презема? Од кого? Има ли кој да го прави тоа? Да, секако, таму се голем број стручно оспособени наставници и стручни соработници, се дејствува и превентивно и интервентно. Но, сепак, се чини како да нема подобрување.

Прво, затоа што сè што се презема не може да има резултати брзо и веднаш, а второ – бидејќи и начинот на кој се насочуваат и советуваат децата дома и во училиштето знае да е сосема спротивен. Така, ни се случува да советуваме ученик кој постојано ги задева другарчињата, а тие му враќаат, го повикуваме и таткото, а тој пред синот ни вели дека тој го советува да ги тепа сите, па дури и дека ќе му даде да носи нож во училиште. За среќа, не се случуваат посериозни проблеми, но и ова доволно ни кажува со што се соочуваме ние, а и децата.

Најновите истражувањa за дисциплината на децата го нагласуваат значењето на односите. Овие односи започнуваат со возрасната личност при регулирана смирена состојба на умот, а ова значи дека е потребен мирен ум за да смирите друг вознемирен ум. Па затоа на децата им е потребно опкружување во кое ќе се чувствуваат сигурно и поврзано дури и кога ќе донесат погрешни одлуки или кога ќе згрешат нешто. Ова, пак, не значи дека треба на децата да им се попушта и простува секое лошо однесување

Но, сè повеќе ми се чини и дека нашите веќе традиционални пристапи кон дисциплината не функционираат за сите деца еднакво, а најмалку кај оние на кои им е најпотребна. Постојните програми и пристапи во нашите училишта (советодавна работа, превентивни активности, интегрирани содржини во наставата, воннаставните активности) се важни за решавање на предизвиците со кои се соочуваме, но потребно е да ги преиспитаме и своите постапки и политики во однос на дисциплината. Имено, главни постапки со кои ја регулираме дисциплината во нашите училишта се педагошките мерки. Дисциплината во идеален случај не е нешто што го правиме за учениците, туку би требало да е квалитет кој сакаме да го развиеме кај нив, па можеби и затоа овие педагошки мерки не ги даваат посакуваните резултати. Педагошките мерки, како еден вид казна или последица на она што го направиле, често се случува ненамерно да ги ретрауматизираат и повторно да ги активираат нивните системи за одговор на стресот.

Најновите истражувања за дисциплината на децата се заснoваат на неврологијата која го нагласува значењето на односите. Овие односи започнуваат со возрасната личност при регулирана смирена состојба на умот, а ова значи дека е потребен мирен ум за да смирите друг вознемирен ум. Па затоа на децата им е потребно опкружување (семејство, училиште, другари) во кое ќе се чувствуваат сигурно и поврзано дури и кога ќе донесат погрешни одлуки или кога ќе згрешат нешто. Ова пак не значи дека треба на децата да им се попушта и простува секое лошо однесување, потребни се последиците за истото, но чувствата што се јавуваат кај нив се пресудни за тоа да се промени и одржи позитивното однесување.

Многу пати при советувањето и активностите со учениците ми се случило учениците да почнат да се однесуваат како што и јас реагирам. Доколку сум смирена, со смирено држење и тивко и еднолично зборувам, тие сè повеќе се смируваат колку и да се вознемирени, исплашени или лути. Одамна согледав дека емоциите се заразни, па тоа и го „злоупотребувам“ за да решам некој проблем. Дури и кога го повишувам гласот, тоа е контролирано, намерно и бидејќи така треба. Со детето се разговара со поинаков тон на гласот, потребно е да седнат на исто ниво со вас или пониско, да се остави простор за одмор, можност повторно да размислат, да се коригираат.

Често се случува и ние, возрасните, особено ако сме родители, да се чувствуваме нервозни и лути во однос на одредено однесување на детето. Почитувајте го правилото, почекајте неколку минути пред да почнете со разговорот и дисциплинирањето. Имајте на ум дека децата „нè читаат“, особено нашата невербална комуникација и дека ние сме комплетен пример како сакаме тоа да се однесува.

Најчесто децата се скарале или истепале меѓу себе и доаѓаат да се расчисти ситуацијата. Но, знаете, секое дете различно реагира на иста случка, така некое ќе плаче, друго е луто и вцрвенето, трето одвај се воздржува да не продолжи со тепачката, четврто е целосно смирено и уверено дека е во право, петто сака повторно сè да се расчисти. Токму поради тоа, добро е да се разговара преку валидација на нивните чувства:

– Изгледате многу лути, зошто?
– Во многу тешка ситуација сте, како би можеле да ја решиме?
– Сигурно ви беше тешко кога се навредувавте. Што мислиш, зошто?
– Како ви беше кога не разговаравте една недела? Зошто?

Одамна согледав дека емоциите се заразни, па тоа и го „злоупотребувам“ за да решам некој проблем. Дури и кога го повишувам гласот, тоа е контролирано, намерно и бидејќи така треба

Така најлесно се започнува разговорот за чувствата и последиците, планирање како да се постапи следниот пат кога ќе има проблем.

Возрасните се тие што треба да ги дисциплинираат децата, но замката е во тоа што токму тогаш децата најмногу учат како да се однесуваат од вашето однесување. Затоа, умот на возрасниот треба да е како термостат, да ја одржува потребната температура со цел да се создаде атмосфера за разговор и план на дејствување, да разбере зошто децата постапиле така и последиците од тоа однесување.
Најдобриот начин да дисциплинираш дете е да моделираш однесувања што сакаш да ги видиш кај детето.



912

X