Воспитување

Дисторзија на пријателствата меѓу децата денес

Дисторзијата на пријателствата меѓу децата денес не доаѓа од една причина, туку од комбинација на социјални, семејни и развојни фактори. Она што се менува кај денешните деца е начинот на кој тие учат да се поврзуваат едни со други.

Една од причините е постојаната дигитална комуникација наместо жива интеракција. Децата сè повеќе комуницираат преку пораки, игри и социјални мрежи. Сето тоа доведува до помалку развиени социјални вештини како емпатија, читање емоции, површни односи во кои постојано се зборува за содржини од видеа и игри наместо длабоки пријателства. Исто така, и емоционална нерегулација. Многу деца денес имаат тешкотии да се справат со одбивање, да решат конфликт, да истолерираат фрустрација. Дисторзијата настанува и поради социјален притисок и статус што зборува за тоа дека пријателствата често стануваат засновани на „популарност“, условени (ќе бидам со тебе ако…), лесно исклучувачки (ќе те блокирам). Така детето учи дека вреди онолку колку што е прифатено од групата, а не поради тоа што е. Важни се и моделите од семејството. Децата учат од родителите како се решава конфликт, дали блискоста е безбедна, дали љубовта е условена. Во современиот живот, кој е брз и динамичен, постојано има недостиг на време, а со тоа и недоволно слободна игра, досада која поттикнува креативно поврзување, како и долготрајни интеракции. Пријателствата стануваат кратки и функционални наместо стабилни и емотивни.

Денес, проблемот не е што децата не сакаат пријатели, напротив, пријателите им се секогаш во фокус, но проблемот е што не знаат како да одржат однос кога ќе стане тешко.

Автор: м-р психолог Христина Стефановска

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top