м-р Теодора Богојевска, логопед

м-р Теодора Богојевска, логопед

Логопедски центар „Флуенто“, Тетово
facebook.com/Centar-za-logopedski-uslugi-Fluento

Повеќе од авторот

Дислексијата претставува нарушување во учењето на читањето покрај нормалната интелигенција, добриот вид, систематските обуки и другите поволни едукативни, психолошки и социјални фактори. Дислексијата често се нарекува и развојна дислексија бидејќи се смета дека произлегува од проблемите во детскиот развој

Како се дијагностицира дислексијата?

Дислексијата се дијагностицира врз основа на општата дијагностика која опфаќа податоци од: личната и семејната анамнеза, невролошкиот наод, оториноларинголошкиот и аудиомерискиот наод, психолошкиот наод, како и логопедскиот наод за состојбата на развиеноста на говорот и јазикот, темпото на говор и општите способности за читање и пишување на детето. Сите овие наоди може да бидат дополнувани по потреба со многубројни специјалистички наоди со цел да се отфрлат одредени сомнежи, што може да придонесе за подобро запознавање на етиологијата на дислексијата.

Што всушност гледаат и чувствуваат дислексичните деца?

За тоа што гледаат овие дечиња кога читаат, може да добиеме најразлични одговори. Некои ќе кажат дека ги гледаат зборовите испревртено, дека буквите се движат, речениците се споени, воопшто не гледаат ниту една точка или запирка и дека воопшто не можат да ги следат со поглед зборовите на крајот од реченицата, погледот им потскокнува и не можат да го дофатат целиот ред…

Она со што секое дете со дислексија најмногу се соочува се тешкотиите во совладувањето на вештинaта за читање, пишување, како и совладувањето на целокупниот материјал за учење. За децата со дислексија читањето станува мачна, тешко совладлива, а понекогаш и непремослива тешкотија поради која чувствуваат неуспех, замор што постепено доведува до фрустрации на училиште и лично незадоволство поради тоа што се разликуваат од другите. Сето тоа носи низа психолошки проблеми, анксиозност, страв, депресија, гнев и формирање лоша слика за себе.

Како може родителите да забележат дислексија кај своето дете, кои се првите знаци?

Раните знаци што може да ни укажат за постоењето на дислексијата се многубројни, а дел од нив се:
проблеми во текот на бременоста, проблеми пред, за време и по породувањето, задоцнето прозборување и проодување, детето употребува фрази со кои ги заменува зборовите, има тешкотии во правилната употреба на некои зборови, детето е конфузно во времето и просторот, има тешкотии во вербалното изразување на мислите, покажува моторичка неспособност во одредени области (прескокнување, сопнување), а неочекувана способност во други (манипулација со лего-коцки), не е сигурно која рака да ја употреби при вообичаените и автоматски постапки, има тешкотии при облекување, врзување, покажува тешкотии во учење песни кои се римуваат, при повторување и имитирање ритам, следење и повторување на зборовите во реченицата, памтење и совладување на две ли повеќе вербални инструкции, тешкотии во организирање на работните активности во текот на денот и слободното време, тешкотии во препознавање на буквите од азбуката и аудитивна анализа итн.

Колку често како логопед и дефектолог се соочувате со ова јазично нарушување?

За жал, често.

 

Дали од Вашето досегашно искуство родителите прифаќаат дека детето им е дислексично и како Вие како професионалци постапувате во тие ситуации?

Многу често родителите се соочуваат со овој проблем дури откако детето ќе почне со училишните активности и ќе покаже неуспех во првичното совладувањето на материјалот и читачките вештини. Во тој случај, доколку наставничката не го препознае тоа и не ги информира родителите, тие често знаат да донесат погрешни заклучоци за способностите на нивното дете. Откако родителите ќе се посомневаат дека нивното дете се соочува со одредени тешкотии или по препорака од наставниците, тие се упатуваат кај нас – стручните лица. Нашата должност е прво да ги запознаеме родителите со дислексијата како проблем и како таа може да влијае врз личноста на детето и неговиот процес на образование, како и да им укажеме дека тоа е тешкотија од која не треба да се срамат. Таа не е последица од нечија погрешна постапка или лошо воспитување. Ги советуваме да ги охрабруваат, да им дадат помош и поддршка на нивните деца во надминувањето на оваа состојба. Се трудиме секогаш да бидеме во соработка со родителите и со наставниците за време на третманот.

Како оди процесот на третман?

Кога ќе се постави дијагнозата, децата се упатуваат на логопедски третман и врз основа на видот и тежината на нарушувањето, логопедот прави вежби чија цел е да се поправат тешкотиите во зависност од тежината на читањето, пишувањето, разбирањето итн. Исто така, логопедот им дава насоки на родителите и на наставниците како да постапат со детето, како да му помогнат, што и како треба да вежбаат со него.

Дали децата целосно го надминуваат овој проблем?

Без разлика која метода и начин на работа ќе се примени во надминувањето на оваа тешкотија, целиот тој процес не може да се одвива брзо. Но тоа што не е брз не значи и дека не е делотворен. Дислексијата го забавува детето во постигнувањето самостојност. А тој процес на осамостојување кај децата со дислексија ќе зависи од степенот на самата дислексија, но,општо земено ќе се одвива побавно во споредба со оние деца што немаат дислексија. Тешкотиите што ги носи дислексијата може значително да се ублажат со соодветен третман и поддршка од околината. Пресудно е да се разбере дека на детето со дислексија му е потребна помош.

За тоа што гледаат овие дечиња кога читаат, може да добиеме најразлични одговори. Некои ќе кажат дека ги гледаат зборовите испревртено, дека буквите се движат, речениците се споени, воопшто не гледаат ниту една точка или запирка и дека воопшто не можат да ги следат со поглед зборовите на крајот од реченицата, погледот им потскокнува и не можат да го дофатат целиот ред…

 

Покрај стручната помош, што може да направат родителите за своето дете?

Да му го објаснат на детето проблемот, земајќи ги предвид неговите можности за сфаќање во зависност од возраста и способностите;
Да му дадат до знаење дека сакаат да му помогнат и дека се на негова страна;
Да му пружат чувство на доверба во неговите способности, да ја запознаат околината со неговите проблеми и потреби, да му дадат психолошка поддршка во совладувањето на тешкотиите во училиштето и околината, секогаш да покажуваат разбирање, внимание и охрабрување – не само за работите поврзани со неговото образование, да бидат трпеливи, во односот и работата со детето да бидат креативни, позитивни, упорни и доследни, да пробаат да му го организираат денот со еднакви барања, да не го оптоваруваат со дополнителни задачи и вежби, редовно да соработуваат со наставниците и логопедот, да го поттикнуваат детето да се занимава со различни активности за да се чувствува успешно, да не очекуваат чудо – проблемот е доста сложен и бара многу време, трпение, внимание и љубов.
Родителите треба сами да се информираат и едуцираат за дислексијата бидејќи ако ги разберат тешкотиите на детето, може да му помогнат на вистински начин. Треба континуирано да му помагаат во совладувањето на училишниот материјал бидејќи најчесто не може да постигне само. Важно е да му дадат психолошка поддршка, да му ја олеснат напорната работа која секојдневно го чека. Родителите и семејството треба да му овозможат на детето топлина, опуштеност и радост. Последицата од ненавременото препознавање на дислексијата може да доведе и до тешко детство. За дислексијата многу малку се знае, родителите треба да ја запознаат блиската средина и опкружувањето со потребите на детето и ограничувањата. Родителите треба да остваруваат контакти и со лица што имаат исти проблеми и да ги разменуваат искуствата со нив.

Каква е улогата на наставниците кога се соочуваат со дислексија кај ученик?

Наставниците треба што побрзо да ги уочат тешкотиите и да бидат спремни да му помогнат на детето, да остваруваат добра соработка со родителите, да покажат разбирање за проблемот со кој се соочува детето, во работата да бидат критични, но внимателни и тактични, да го охрабруваат детето, поттикнуваат и фалат и за најмалите успеси, да влијаат и врз неговите постигнувања и успеси на други полиња, да бидат доследни, упорни и стрпливи во работата, да се обидат да му го приспособат временскиот распоред на работа, повремено да му се даваат лесни задачи што ќе може успешно да ги реши, да користат и индивидуален начин на работа со детето, да употребуваат различни средства и помагала за приспособување на материјалот во согласност со неговите можности, да создадат позитивна клима во одделението, прифаќање и помош од страна на врсниците, да користат начини за проверка и оценување на знаењата на детето кои најмногу ќе му одговараат.



912

X