Во Силициумската долина се зборува дека никој од нас не треба да прави цели за по 3-5 години. Зошто? Затоа што во таа временска рамка околу 80 отсто од работните места за кои моментално знаеме ќе бидат застарени.
Технологијата и роботиката напредуваат многу побрзо отколку што повеќето од нас сфаќаат и веќе има роботи кои преземаат многу од работните места во САД и во странство. Па, што ни предлагаат да правиме? И што ќе биде со нашите деца, од кои повеќето сè уште се во школски систем кој ги обучува за сегашниот пазар на трудот?
Повеќето кариери ќе се вртат околу креативноста, а креативноста е вештина што ни овозможува да се приспособиме без разлика како ќе се обликува светот во иднина.
Креативноста е повеќе од уметност и се поврзува со начинот на кој размислувате за работите и вашата способност да ги решавате проблемите. Науката, на пример, е многу креативна област. Исто е и со математиката.
И сите деца се природно креативни на некој начин, сѐ додека не ги научиме како да ги следат правилата, да го прават она што сите го прават, да се вклопат и да се плашат да не прават грешки.
Еве неколку совети како да им помогнете на вашите деца да ја задржат својата природна креативност и да ги подготвите за многу поинаков свет во не толку далечна иднина:
1. Поттикнете неуспех
Ова би било правило број еден за одгледување креативни деца. Родителите треба да научат како да воспитуваат деца кои не се плашат да згрешат. Ако се плашите од неуспех, никогаш нема да пробате нешто ново или различно.
Играјте игра за време на вечерата каде што сите во семејството ќе кажат една работа во која не успеале тој ден, а сите други ќе ги фалат за нивната храброст што се обиделе, за нивната издржливост да успеат и за нивната храброст да зборуваат. Потребно е нашите деца да видат дека кога не успеваме, тоа не нè прави „неуспешни“. Тоа нè прави луѓе кои се подготвени да се обидат.
2. Обезбедете материјали, а не упатства
Стандардната лекција за уметност со малите деца е да им се обезбедат многу специфични материјали и потоа да им се каже што точно ќе направат со тие материјали и како да го направат тоа. Ова не е уметност. Ова е имитација.

За вистинска креативност, потребна ни е можност да ги користиме материјалите на уникатен и нов начин. Земете ја, на пример, јужноафриканската уметница Дајан Виктор, која ги создава своите уметнички дела користејќи чад.
Обезбедете им на децата различни материјали и оставете ги сами да ги истражуваат и откријат.
3. Дозволете прекршување на правилата
Добро, разбирам, ако сите ги прекршиме сите правила, ќе настане хаос. Но, малку анархија може да е добро ако доведе до наш напредок.
Треба да го преиспитаме авторитетот, да прекршуваме некои правила и да излеземе од некои морални структури кои биле поставени од луѓе во друго време каде што овие работи можеби имале одредена вредност. Децата треба преку искуство да научат до кои правила вреди да се држат, а кои треба да се срушат до темел.
4. Научете ги да преиспитуваат сè
И сите. Суштински елемент на креативноста е да не верувате во сè што слушате, читате или гледате. Научете ги децата да ги вкрстуваат фактите, да истражуваат дополнително ако нешто нема смисла, да поставуваат повеќе прашања.
5. Никогаш не дозволувајте вашите деца да кажат: „Не можам“
Постојат одредени начини на размислување кои ја исклучуваат креативноста. Изјавите како „Не можам“ или „Тоа е невозможно“ му кажуваат на нашиот мозок да престане да работи на проблемот бидејќи нема смисла да трошиме енергија на него.
Пренасочете ги вашите деца да кажат: Како можам? Во моментот кога ќе го преформулираме како прашање, тогаш нашиот ум е гладен да најде одговор. Одеднаш се отвораат повеќе можности таму каде што порано немало.
6. Охрабрете ги вашите деца да бидат уникатни
За да ја задржат својата креативност, на децата им треба можност да се изразат себеси и својата уникатност во сите области од животот. Поттикнете ги вашите деца да ги следат нивните страсти, да се облекуваат како што сакаат, да си играат со нивната храна, да се вклучат во необични разговори и да имаат верувања кои се различни од вашите.
Истражете со вашите деца зошто им се допаѓа одредена песна или моден стил или пријател.
7. Најдете го необичното во секојдневието
Имаме тенденција да ги тренираме нашите деца секогаш да бараат необично со постојано изложување на возбудливи активности, како излети секој викенд и многу празници и нови играчки. Она што не го сфаќаме додека работиме толку напорно за да им го направиме животот интересен е тоа што им ја одземаме можноста да најдат радост во секојдневието.

Помогнете им на децата да ја пронајдат и забележат радоста во секојдневниот живот раскажувајќи приказни за другите луѓе кои чекаат во редот и зошто тие би можеле да бидат таму и каква беља направиле порано тој ден. Играјте игри со цртање каде што чкртате по целата страница и потоа ги наоѓате скриените слики.
8. Гледајте на работите од различни перспективи
Постои психолошки феномен наречен наивен реализам каде што сите ние веруваме дека имаме точен поглед на реалноста и дека нашето гледиште и дејствување се најсоодветни во секоја дадена ситуација. Тоа е верувањето што нè тера да мислиме дека секој што вози побрзо од нас е манијак, а секој што вози побавно е морон!
Помогнете им на вашите деца да го пробијат својот наивен реализам и да размислуваат покреативно со менување на нивното гледиште, дури и само за момент.
9. Охрабрете ги да излезат од нивната удобна зона
Друг начин да го истражувате светот креативно и да искусите различни перспективи и нови идеи е да излезете од вашата рутина и да направите нешто што не е во вашата комфорна зона.
Охрабрете ги вашите деца да прават некои работи што ги плашат (од возење велосипед, банџи-скок до зборување со момчето што им се допаѓа), да пробаат работи во кои знаат дека нема да бидат добри (да се истегнат надвор од нивните сегашни можности) и да прават работи поради кои се чувствуваат непријатно (на пример, носење облека што не е нивен стил).
10. Оставете ги да им биде досадно
Досадата е суштински елемент на креативноста. Ни треба време за мечтаење, за нашиот ум да талка, да откриеме како се чувствуваме и да најдеме нови начини да се забавуваме.
Нашата сегашна култура е култура каде што децата се толку презафатени што никогаш немаат време само да бидат деца. Застанете малку и размислете за причините. Обично, одговорот е да им помогнеме да напредуваат, да имаат шанса за успех.
Автор: Миа вон Ша