Не знам дали сте чуле, но неодамна кај нас се отвори џиновска продавница за фантазии. Таа е сместена меѓу тврдите корици на една многу шарена џиновска книга. За да можете да ја посетите оваа продавница, треба да исполнувате два услова. Првиот е да имате петка по физичко (ама заслужена!) зашто навистина ќе ви требаат добро навежбани и издржливи раце за да можете со нив да ја држите (фантазиите се баш тешка работа). А, втората и многу поважна, е да се разбирате од фантазија. Поточно речено, да имате развиена имагинација (за што воопшто не се сомневам дека е така!).

Како што можете да претпоставите, сопственик на оваа продавница е еден џин, и самиот голем мечтател. Затоа што располагал со толку многу фантазија, одлучил да отвори продавница, да може секој кому му фали – тука да си ја набави. Така што, не грижете се ако не сте доволно фантазери. Впрочем, продавницата постои токму заради вас.

Пред да се впуштиме во пазарување, предлагам да се обидеме да се нурнеме во бујната фантазија на џинот, да видиме што нуди неговиот асортиман на фантастични производи.
Да помислиме, на пример, зошто природата ги создала кактусите? Ние луѓето, особено помрзливите, едноставно ги користиме како украсно цвеќе зашто не мора многу да се потресуваме дали денес сме ги навадиле или не. На кактусот секако му е подобро кога е жеден (така си мислиме). Но, каква функција има кактусот во фантазијата на џинот? Се обложувам дека никому не му текнало на следново:

„Кактусот е мрежа за сушење алишта на пајаците.
Да, и пајаците си ги перат своите облеки и ги закачуваат
на боцките од кактусот за да се исушат.
Затоа и кактусите живеат во пустина, каде што е најтопло.
А боцкаат за да не може ниту еден пустински крадец
да им ги украде облеките на пајаците.“

А, дали, пак, сте фантазирале за можната намена на морето? (Не можам да се воздржам, а да не додадам: ако сме фантазирале за морето, немаше да бидеме толку груби кон него и така безмилосно да го нагрдуваме со отпадоци! Затоа, знајте дека фантазијата е спасоносна работа. Колку повеќе фантазираме – толку подобри нешта ќе се случуваат во светот.) Нашиот пријател џин во неговата имагинација точно знае зошто постои морето и колку многу се намачил да дојде до тоа сознание:
„Морето е едно големо огледало што го користи жената на Џинот кога се шминка. Сè почнало кога таа еднаш му се пожалила на Џинот дека сите огледала ѝ се мали, па не може да си ги види џиновските очи и убаво да се нашминка. Џинот, за да ја израдува својата сакана, тргнал на далечен пат и зад девет планини и девет реки стигнал до едно џиновско огледало што го нарекувале море. Оттогаш жената на Џинот го има најголемото огледало на целиот свет.“
И така, најдраги деца, во оваа големоразмерна продавница ќе најдете фантазии за виножитото, за ѕвездите, облаците, ветерот, мразулците, за џебот на џинот итн.
Џиновската продавница одвај чека да ви го претстави својот магичен свет и во вас да ги насели најубавите фантазии за светот.
Уживајте во обиколката…
* Авторка на „Џиновската продавница за фантазии“ е фантазерката Бистра Георгиева, а фантастичните илустрации ги нацрта нејзината пријателка-мечтателка Моника Каретеро.



912

X