Од 12 март Џастин Трудо е заглавен во својот дом со трите мали деца, притоа обидувајќи се да ги одржува работните состаноци на телефон и истовремено да ги извршува домашните обврски што обично ги извршува неговиот персонал или сопругата, која е позитивна на коронавирусот.

Како и милиони луѓе во светот, и Џастин Трудо импровизира со новата рутина во неговиот дом. Разликата е во тоа што тој води држава. Трудо беше првиот лидер на една голема индустријализирана земја што е во изолација кога неговата сопруга доби симптоми слични на коронавирусот, а подоцна се покажа и дека е позитивна на тестот.

– Ги следиме медицинските совети, како што треба да ги следат сите Канаѓани – изјави тој. Трудо вели дека е здрав и нема никакви симптоми на вирусот.

Распоредот на Трудо продолжува од неговиот дом. Тој одржува дневни состаноци со неговиот кабинет, разговара со лидерите на покраините и дискутира стратегии со премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, и францускиот претседател Емануел Макрон.

 

Бидејќи неговата сопруга е во карантин во друг дел од нивниот дом, Трудо стана родител со полно работно време на неговите три деца – 12-годишниот Ксавиер, 11-годишната Ела Грејс и 6-годишниот Хадриен.

Голема кутија со лего-играчки, како и редовно приготвување на јадењата, чистење низ домот и перење – сето ова го прави Трудо со оглед на тоа што во домот нема никој друг. Неодамна Трудо доцнел неколку минути на еден брифинг со својот персонал бидејќи го бањал Хадриен.

– Можете да ги слушнете децата како трчаат, се смеат, играат и му велат: – Ајде, ајде тато – вели господин Чин, кој е шеф за комуникација во тимот на Трудо.

– Веднаш потоа го слушнавме гласот на Трудо: – Тато е на важен телефонски повик. раскажува Чин.

Ќерката на Трудо му стана негов официјален фотограф, фотографирајќи го додека работи во неговата канцеларија за да може да ги испраќа на социјалните медиуми.

Во неделата Трудо им се обрати на децата од Канада, заблагодарувајќи им се што им помагаат на родителите да работат од дома, жртвувајќи го нивниот обичен ден. Тој им рече дека ја разбира нивната болка за изгубените моменти за играње и забраната за играње во парковите.

– Истото го добивам и од моите деца. Гледаат многу повеќе филмови, но им недостигаат пријателите, а истовремено се загрижени за тоа што се случува во светот и каква ќе биде нивната иднина – им рече Трудо.

Канаѓаните велат дека Трудо добро се справува со кризата.

 

– Сигурно се забавува со децата, што не е нешто што го прави често. Мислам дека децата, од нивна страна, гледаат што тој работи многу подетално – вели господин Чин.

За разлика од претседателот Трамп, Трудо не се тестирал за вирусот. Иако тоа можело да му го олесни животот, ако го направеше тоа, ќе го прекршеше протоколот на Онтарио, според кој се тестираат само оние што имаат симптоми. Општо земено, Канаѓаните се лутат ако постои посебен третман на избраните службеници.

Извор



912

X