Едноставни, но силни фотографии од девојчиња кои ги снимила мајка-фотограф праќаат силна порака до жените во светот. Во розови фустанчиња и со копачки, малите модели покажаа дека за нив не постојат граници и дека можат истовремено да бидат и романтични и да се занимаваат со груби спортови.

Фотографката Хедер Мичел била на софтбол-натпревар на својата 8-годишна ќерка кога друга мајка ја изненадила со својата изјава. Мичел сакала ќерка ѝ да ја засака играта зашто била атлетски градена, но другата мајка на тоа прокоментирала дека малечката е „типично женско девојче“.

Поради тоа, оваа мајка цела ноќ останала будна и размислувала зошто едното би го исклучувало другото. Следното утро Мичел отишла со својата ќерка во фотостудио и понела цветна круна, фустан и прибор за играње софтбол.

Резултат на тоа се фотографии кои испраќаат исклучително силна порака. „Не постојат граници. Девојчињата можат да бидат и женствени и атлетски градени. Уметници и паметни. Сè што сонуваат, може да го постигнат“, рекла Мичел. Потоа следуваа и други серии фотографии и снимање со други мали модели.

Фотографиите се објавени на фејсбук-страницата на фотостудиоТО и станаа многу популарни. Причина за тоа е нивната едноставност и силната порака која ги привлекува девојчињата што се наоѓаат помеѓу два света – светот на балерините и светот на фудбалот, девојчињата што обожаваат и фустани и качување по дрвја.

Под нив е напишано: „Затоа што ти можеш сè“. И токму тоа покрена лавина од емоции кај жените од целиот свет. „Тоа ме потсетува на мене кога имав 10 години и од изборите за убавина право одев на фудбалски натпревар“, напишала една мајка. „Ова е одличен начин да им се покаже на девојчињата дека можат да бидат многу повеќе отколку само слатки“, додала друга.

Во денешно време стереотипите сè уште се многу присутни, па вистинско освежување е да се видат вакви фотографии кои покажуваат дека девојчињата имаат и друга страна и дека за нив не постојат граници. Тие не треба да одбираат меѓу топката и розовите фустанчиња – можат да ги имаат двете работи!



912

X