„Се роди во самото срце на Модрата гора, во денот кога и Пролетта славеше роденден.
Не мирисаше како што мирисаат другите бебиња, на млеко и мајчина топлина…
…мирисаше на цвеќиња
…пролетен ветер
…и бистра изворска вода…“

Вака почнува графичката новела „Девојчето кое танцуваше со пролетта“ и сè уште мириса на новородена книга. Нема да биде претерано ако кажам дека ова што ви го препорачувам достига до совршенството на Јуми, девојчето со вродена мудрост. И бидејќи првпат ви зборувам за графичка новела, сакам накратко да ви објаснам што значи тоа што и самите ќе го забележите при првата средба со оваа книга. Графичката новела ќе ви заличи на сликовница, но тоа што ја разликува, првенствено, е што во неа илустрациите и текстот си зборуваат, на тој начин што имаат иста функција и се надополнуваат. Таквата форма се нарекува стрип, а вие добивате впечаток како пред вашите очи да се проектираат слики како на филмска лента. Тоа е што се однесува до придавката во синтагмата „графичка новела“. Новела е, пак, зашто дејството е заокружено во рамките на една книга, додека кај стриповите најчесто се подразбира дека приказните имаат продолженија. Оваа споредба можеби не е најсреќна, но е обид за запознавање со нешто ново што во себе содржи многу уметност.

„Девојчето кое танцуваше со пролетта“ е префинета приказна илустрирана во манга-стил. Што значи, пак, сега тоа?! Манга е јапонски стил на цртање и пишување стрипови и графички новели што се развил во Јапонија во доцниот 19 век, но кој до ден-денес е многу популарен и многу присутен. Мислам дека поскоро ќе го препознаете во анимираните јапонски филмови, како на пример, оние на популарниот манга-цртач, режисер и аниматор Хајао Мијазаки, или, пак, во ултрапопуларниот Покемон. Цртежот во нашата графичка новела не го нацрта некој јапонски „манга“, туку младата и талентирана илустраторка Ана Петрова.

За читачкото искуство да ви биде егзотично како да дошло од Далечниот Исток ќе ви придонесе и лиризираната и лирична приказна на авторката Билјана Црвенковска, за едно девојче по име Јуми кое танцува со сите појави на пролетта зашто, меѓу другото, тоа ѝ е предодредено во името.

Ова четиво им го препорачувам на искусните, помалку искусните и на љубопитните читачи-сладокусци. Би било одличен прв пример за оние за кои се однесува кусиот обид за разгатнување на формата графичка новела, но и необично искуство за оние со дебело портфолио. Затоа и оваа препорака малку се разликува од претходните во поглед на тонот и начинот на претставување на делото. Родители, еве ви совршена можност да ги запознаете вашите деца со нешто поинакво од само линеарен текст, нешто што претставува уметничко творештво.

„Секоја пролет продолжи да ја буди Модрата гора од зимскиот сон.
Да го забрзува раѓањето на растенијата, на тревките и цвеќињата.
Да вдахнува живот, да трча без престан, да танцува, да пее, да се смее…
…сè дури срцето не ѝ зачука како лудо…
па да запре и да земе здив…“



912

X