Сите херои не носат маски, но нивните добри дела зборуваат гласно. Следната приказна е уште еден доказ дека најмалечките се способни за менување на светот на подобро, а и да ја вратат вербата во помладите генерации. Децата смислуваат најинтересни начини да решаваат проблеми во случаи кога возрасните потфрлаат.
Како да се комбинира љубовта кон уметноста и помошта кон бездомните животни? Деветгодишниот Павел Абрамов од Русија го има совршениот одговор на ова прашање. Малиот уметник од градот Арзамас во Нижни Нивгород сликал прекрасни портрети на животни и тоа не за да заработи пари и да си купи нови играчки или телефон, туку ги заменува портретите од животните за храна и други потребни работи и ги донира во локален шелтер-центар за бездомни животни. Секој може да помогне на свој начин.
Павел и неговата мајка Екатерина Болшакова го почнале проектот наречен „Љубезна четка за сликање“ пред една година. Оваа идеја произлегла од брилијантниот ум на Павел, кога го изгубил своето милениче, па не можел повеќе да ги игнорира животните што скитаат по улиците во градот. Сакал да воведе промена во чест на неговиот драг пријател Барсик, па тоа и го направил на многу креативен и дарежлив начин.
Ова не е почетокот на нивното волонтерско патување за помош на животните. Мајката и синот формирале група на веб-страница наречена „Што може да направи еден мал волонтер?“, каде што многу пати се докажало дека мало дете може да воведе позитивна промена која другите ќе ја следат. Малиот алтруист не добива помош од фондации и организации, нема менаџери и вработени, но има големо срце и талент. Павел слика вистински миленичиња на сопственици кои се подготвени да обезбедат месо, храна и потребни работи во замена за портрет од нивното драго милениче. Павел ги знае сите по име и често со нив и се среќава кога сликата ќе биде готова. Слика врз основа на фотографии од миленичињата и секогаш се интересира за тоа како сопствениците ги запознале своите миленици. Павел го трогнале многуте приказни за спасени животни.
Храбрата иницијатива веќе е проширена низ неговиот град. Сите што сакаат животни низ Русија, па дури и надвор од земјата сакаат да имаат портрети од нивните миленици, а воедно да учествуваат во добротворна мисија. Уметничките дела на Павел патувале и во Шпанија, Германија и ќе бидат испратени во уште многу други земји во иднина. Павел е најмладиот волонтер во единствениот шелтер за животни во Арзамас, каде што во моментов има 100 кучиња.
Портретот на Чак донел пет килограми леќа, десет конзерви кучешка храна и дерматолошки лекови.
фотоизвор: Что может маленький волонтёр?
Портретот на Тимофеј бил заменет за сет лекови и појаси за кучиња.
фотоизвор: Что может маленький волонтёр?
Портретот на Џеси бил заменет за седум килограми храна за кучиња и три килограми леќа.
фотоизвор: Что может маленький волонтёр?
Портретот на слаткиот Оникс бил заменет за три килограми кучешка храна во конзерви, два и пол килограми овесна каша, четири килограми јачмен, ужина за кучиња и материјали за шелтер-центарот.
– Нашето семејство е гордо на овој прекрасен проект. Неговите денови се распоредени до минутка, сака да направи сè, но едноставно нема доволно време – изјавила мајката на Павел, Екатерина. Павел сонува да стане архитект и да изгради голем шелтер-центар, а сега се обидува да даде придонес колку што може преку својата уметност и хумани иницијативи.
Автори: Хидрелеј и Виолета Драсеикаите